Промоција на „Вонземјанки; раскази од Латинскиот кварт“ од Влада Урошевиќ

Промоција на најновата книга од Влада Урошевиќ, збирката раскази „Вонземјанки; раскази од Латинскиот кварт“ во издание на „Или-Или“ ќе биде промовирана вечерва во 20 часот во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар во Скопје. Книгата низ разговор со авторот ќе ја претстави писателот Гоце Смилевски.

Расказите ни покажуваат колку е важен не само градот во кој се пишува, туку и градот за кој се пишува; Влада Урошевиќ во Париз ја наоѓа и логиката и отвореноста кон подрачјата каде логичките закони не важат, или, попрецизно – каде што важи една поинаква логика, логика на невозможното.

– Низ тоа претставување на една полицентрична стварност, составенa од повеќе планови, понекогаш комплементарни, другпат спротивставени едни на други, кои ни овозможуваат да погледнеме на дејствијата и ликовите од различни точки, честопати со ефект сроден на мултиплицираните перспективи од делата на Ешер, Влада Урошевиќ со своите дванаесет раскази од збирката „Вонземјанки” успева да оствари маестрална проза – вели Смилевски

Влада Урошевиќ (1934, Скопје), автор на повеќе книги поезија и збирки раскази. Романсиер, есеист, патописец. Првпат навлегол во тајните на Париз во текот на студиската 1967/68 година, за потоа повеќепати да престојува во овој град. Ги препеал на македонски јазик поетските книги на Бодлер, Рембо, Аполинер, Елијар, Бретон, Мишо. Составил повеќе антологии, помеѓу кои и „Големата авантура – францускиот надреализам”. Своите доживувања на Париз ги опишал во книгите „Алдебаран” и „Париски приказни”. Во овој град е избран за член на поетската академија „Маларме”, а таму, годинава, се случи (во исто време кога и во Скопје) неговото именување за добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

Сподели