Податоците се објавени во книгата „Заштита на иконите по македонските цркви и манастири“ (2012 год.) од м-р Златко Танасковски, разузнавач кој долги години бил раководител во делот на транснационалниот организиран криминал
Иконите од Македонија имаат исклучителна уметничка и историска вреднoст и отсекогаш биле предмет на нелегална трговија од страна на голем број поединци криумчари, колекционери, антикварници па дури и инститиции од областа на културата од други земји, пишува во книгата „Заштита на иконите по македонските цркви и манастири“ од м-р Златко Танасковски. Авторот е разузнавач и долги години бил раководител во делот на транснационалниот организиран криминал. Книгата објавена во 2012 година е издание на „Соларис принт“ од Скопје и дава интересни информации за состојбата со иконите во Македонија. Во 12 поглавја авторот пишува за превенции за заштита од оттуѓување на иконографското културно наследство во Македонија. Во овој текст фокусот го ставаме на едно од поглавјата кое се однесува на регистрираните рути по kое се одвивало шверцувањето на икони од осамостојувањето на Македонија до годината на објавување на книгата.

Според Танасковски, транзициските, економско-политичките односи и нискиот животен стандрад на населението може да се каже дека претставуваат главни услови за интензивирање на појавата на криминалот со икони во Македонија.
„Таквиот криминал се наметна како еден од доходовните активности на добро организираната меѓународна мрежа на извршители во која постојат точно издиференцирани канали по кои се одвива трансферот. Денес (2012 год. н.з.) се регистрирани три рути по кои се пренесуваат нашите украдени икони и сите почнуваат од тереност на денешна Македонија“, пишува Танасковски во книгата.
Според авторот, преку првата рута организираните македонско-албански криминални групи во спрега со домашните арамии, иконите ги носат преку Албанија до Италија, Швајцарија, Франција или до Велика Британија.
„Поради огромниот интерес на колекционерите од овие земји, може да се рече дека оваа оваа регистрирана рута е најпогубна за македонските икони. Голем поттик на криминалните групи за инволвирање во овој вид на криминал кон западноевропските земји придонесува и тоа што Швајцарија е една од државите каде иконите најчесто добиваат легитиметет на оттуѓеноста. Државата е мошне наклонета кон купувачите така што лицето кое ја купило иконата има право да ја легализира, што особено е тешко да се направи по правен пат во други земји. Штом се легализира иконата, таа добива легални документи за извоз и релативно слободно може да се движи низ пазарите во други центри. Дел од ваквите икони се појавуваат и по аукциските куќи, нормално со потекло од колекцијата на некој швајцарски граѓанин“, пишува Танасковски.
Втората рута води преку Србија, Романија и Украина, до Руската Федерација. Авторот вели дека треба да се напомене дека до пред извесен период (оред 2012 н.з.) Руската Федерација била цел на криминалните групи инволвирани во криминалот со културни артефакти.

„Богородица со Христос“ од 18 век
„За тоа сведочи и примерот даден во прашалникот од Царинската управа кога е откриен обид за внесување на икони во нашата држава. Случајот е реализиран на граничниот премин ,Табановце’ кога при детален преглед на автобус со руски регистарски таблички, кој сообраќал на релација Русија-Грција, е откриена поголема количина на криумчарена стока сокриена во неколку специјално направени бункери во автобусот. При претресот пронајдени се 20-тина разни црковни реликвии – книга молитвеник, мали икони, панагија со ликот на св. Богородица, кандила, крст и други предмети кои претставуваат значајно руско културно наследство од 19 век“, објаснува Танасковски.
Во книгата пишува дека антиквитетите од автобусот во кој се превезувале привремено биле одземени, а против возачот, роден во Казахстан – Руска Федерација кој поседувал двојно државјанставо, руско и грчко, Царинската управа поднела кривична пријава поради сомневање за сторено кривочно дело – криумчарење.
„За наша несреќа, новосоздадените руски богаташи ја превртеа рутата наопаку. Сега артефактите одат кон Русија. Еден таков случај беше откриен за 3 ноември 2004 година на граничниот премин ,Табановце’, кога на излез од Република Македонија беа уапсени руски и грчки државјани со 14 парчиња црковни реликвии со македонско потекло“, пишува Танасковски.
Според авторот, третата рута каде што се изнесуваат нашите икони е Република Грција, која како и првата рута, е многу погубна за македонските икони.
„Тоа се потврдиува со фактот дека во последниот период се забележуваат кражби на икони кои потекннуваат токму од 18 и 19 век, односно од времето на преродбата на македонскиот народ. Овие икони имаат потпишано сигнатури на црковнословенски јазик, иако во тој период сите архиереи зборувале на грчки јазик под влијание на присуството на фанариотските идеи за асимирилање на Македонците и на македонското културно наследство. Сè со цел да се притемни македонскиот културно-историски идентитет, Грција им дава поттик на криминалните групи да оперираат на македоснкиот терен, со цел таквите икони да се намалат или воопшто да ги нема во црковните храмови. Постојат индиции дека во Република Грција е формиран специјален фонд кој се занимава со откупување културно наследство од Република Македонија. Мотивите за формирање ваков фонд се од полутичка природа“, наведува Танасковски во книгата.

„Вознесение на св. Илија“, 19 век
Како втора причина за шверцување икони кон Грција тој го посочува фактот дека Грчката православна црква во дослух со дел од грчкото свештенство, ангажирала компании за хиперпродукција на имитации на реликвии.
„За тоа говори примерот кој се случи на 20 јули 2009 година кога македонската полиција откри грчки државјани кај граничниот премин ,Богородица’ кои сакале да прошверцуваат две македонски икони со потекло од 12 и 14 век. Постојат и такви податоци заверени во МВР на Република Македонија кои укажуваат дека во последно време и некои од земјите од Југоисточна Азија пројавувале интерес за нашето културно налседтсво. Знаејќи дека во тој регион живеат лица со друга вероисповест, нормално нив не ги интересира религијата туку за нив иконите претставуваат уметничко дело создадено пред векови. Токму поради тоа тамошните колекционери не штедат и буквало даваат цело богатство за да имаат по едно вакво уметничко дело во нивните колекции“, пишува Танасковски.
Фото: Министерство за култура / Фотографиите се од иконите кои беа запленети во Албанија во нелегална трговија, за кои се докажа дека потекнуваат од Македонија и ќе бидат предмет на реституција.





