Кусометражниот филм „Уништен свет“, создаден со помош на вештачка интелигенција, во режија на на македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски е финалист на 53-то издание на Меѓународниот филмски фестивал во Далас, Тексас. Филмот на Попоски е номиниран во категоријата меѓународен кусометражен филм и видео.
Фестивалот во Далас е еден од најстарите и најреноминарните меѓународни филмски фестивали во САД. Од 1971 година до денес, фестивалот има прикажано илјадници премиери на филмови од сите жанрови.
– Номинацијата за награда како финалист на овој еминентен филмски фестивал е вистинска чест. Мојот кусометражен филм поетски го истражува сложениот однос меѓу човештвото и технологијата, односно вештачката интелигенција. Мојата благодарност до Фестивалот во Далас што го номинираше мојот филм за награда во оваа престижна категорија и што придонесува за ширењето на пораката на филмот со тамошната публика – изјави Попоски.
Филмот „Уништен свет“ на Попоски е првиот кусометражен поетски филм во кој сите елементи (слика, звук и нарација) се создадени со помош на вештачка интелигенција. Филмот ја имаше својата премиера во Лос Анџелес во 2022 година и досега е прикажан на петнаесетина меѓународни филмски и видео фестивали, каде што и освои неколку награди за најдобар поетски кусометражен филм и најдобар апстрактен филм.
Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Попоски има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе меѓународни награди за уметност.





