Вевчанци добија туристички центар од напуштениот објект на школото

Не постои друго село во Северна Македонија со поавтентична своја приказна од таа на Вевчани. Спрострен во областа Дримкол, на источната страна на Јабланица, во Струшкото поле, силно поткрепен од многу историја што стамено си ја чува, Вевчани и денес примамува бројни туристи – и домашни и меѓународни. Но, туризмот треба постојано да се потхранува, постојано да се смислуваат иновативни начини како едно место да стане подостапно за љубопитните гости. Вевчани ја доби таа можност со проектот „Туристички центар Вевчани – Еден центар еден туристички производ“, што го спроведе Општина Вевчани како дел од активностите на Проектот за локална и регионална конкурентнот (ПЛРК), финансиран со донација од Европската унија (ИПА 2).

Модерен туристички центар распослан на површина од 1.400 м2 се изроди по комплетна реконструкција на напуштениот објект на основното училиште во Вевчани. Објектот доби нов лик и намена и стана непрепознатлив и за локалното население. Фитнес-центарот и теретаната, конференциската сала, конгресната сала, двете сали за состаноци, продавницата за сувенири, туристичкиот инфо центар, галериите за изложби и бифето за послужување веќе се реалност. Се работи и за да се опремат две музејски постановки, од кои едната ќе биде од едукативен карактер за заштитеното подрачје Споменик на природата Вевчански извори, а другата за Историјата и традицијата во Вевчани.
Во Центарот веќе се организираат настани од типот на семинари, конференции, јавни дискусии и слично, а исто така во него се одржани и повеќе концерти, претстави, изложби, и други културни настани, во рамките на манифестациите Вевчанско лето 2022 и Фестивалот на народна култура „Пображење“ – Вевчани.

Сакавме да обезбедиме услуги за прием, грижа и упатување на туристите, како и презентација на сите објекти, услуги и ресурси кои може да се посетат и доживеат во Вевчани како туристичка дестинација; заштита, популаризација и презентација на материјалното и нематеријалното богатство и ставање во функција на туризмот како нова содржина во Вевчани како препознатлива туристичка дестинација. Да создадеме услови за привлекување нови туристи со директно влијание врз порастот на бројот на ноќевања и зголемување на трошењето; и да создадеме услови да бидат задоволени основните потреби кај туристите кои се најчеста потреба во секоја туристичка дестинација – вели градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски.
Заедно со соработниците на МЕД, Фармахем и Mustseedonia тие работат и на процесот Vevcani Green, односно, „Вевчани првата зелена дестинација во Македонија“, која влезе во топ 100 успешни приказни во натпреварот во 2022 година. Заедно со неколку локални бизниси ќе се креираат заеднички туристички производи и ќе соработуваат во насока на одржлив развој на туризмот во Вевчани.

Објектот на напуштеното училиште е изграден по Втората светска војна, а народот на Вевчани со сопствени средства и сили ја изградил училишната зграда во која учеле многу генерации.
Проектот за Вевчани е една од 14-те најуспешни приказни во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност. Вкупниот буџет изнесуваше 758.366 евра, од кои Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија обезбедија 754.355 евра, а 4.011 евра – Општина Вевчани.
Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) беше проект финансиран од ЕУ насочен кон подобрување на придонесот на туризмот кон локалниот економски развој.

Сподели