„МакеДокс“ објави повик за „Докуникулци“ на возраст од 14 до 18 години

Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ објави повик за 5. генерација на „Докуникулци“ на возраст од 14 до 18 години кои сакаат да бидат дел од годинешната работилница за креативен документарен филм. Повикот е отворен до 1 јуни, а резултатите ќе бидат објавени до 15 јуни. Работилницата ќе биде распоредена во четири сесии: во јули (5 дена во природа), август (8 дена на филмскиот фестивал „МакеДокс“) и две есенско-зимски сесии по договор (5-7 дена). На работилницата, своите знаења и вештини во документаристиката ќе ги споделат членови на креативниот тим на „МакеДокс“, ланските докуникулци и пријатели на фестивалот од други земји.

Како да се пријавите? Снимете се себеси, со телефон, веб-камера или на било кој друг начин, и преку видеото, кое не треба да е подолго од 5 минути, одговорете на следниве прашања:

1. Освен преку соништата, на кој друг начин бегаш од секојдневието?
2. Кога би можел да бидеш кое било животно или растение, што би избрал/а да бидеш и зошто?
3. Кое е твоето најрано сеќавање?
4. Кога би сретнал/а магаре што знае да зборува, што прво би ти кажало и зошто?
5. Кој документарен филм ти оставил најголем впечаток и зошто?
6. Која е приказната што сакаш да ја раскажеш и зошто е различна од останатите?
7. Што би издвоил/а за себе како важно, специфично, откачено?

Видеото испратете го на: dokunikulci@makedox.mk преку WeTransfer или по можност, прикачете го на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка, а лозинката испратете ја посочениот мејл.

Сподели