Конкурсот кој е отворен до 30 април е наменет за професионални илустратори, а во рамките на темата „Свет со љубов“ треба да бидат изработени илустрации за деца.
Откуп на професионални илустрации ќе врши Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ во рамките на конкурсот за авторски илустрации на тема „Свет со љубов“. Конкурсот се организира во рамките на 5. издание на фестивалот „Литера“ што ќе се одржи од 23 до 27 мај во Музејот на современата уметност во Скопје.
Конкурсот е наменет за професионални илустратори, а во рамките на темата „Свет со љубов“ треба да бидат изработени илустрации за деца. Сите заинтересирани илустратори може да се пријават со не помалку од 2, а не повеќе од 5 авторски дела. Конкурсот е отворен до 30 април.
– Од особена важност ни е да ги поддржиме македонските професионални илустратори, а откупот ни се чини дека е вистинската форма како можеме да го сториме тоа. Не’ радува интересот на младите илустратори кои веќе се пријавија на нашиот конкурс и тоа ни е знак дека постои интерес за илустрацијата, но треба да им се даде вистинско место на авторите – велат од фестивалот.
Од пријавените уметници ќе бидат избрани 5 илустратори, а од секој од петтемина фесивалот „Литера“ ќе откупи најмалку по едно дело. Нивните илустрации ќе бидат дел од годинашната изложба на „Литера“ во МСУ на која ќе учествуваат реномирани илустратори од регионот.
Изложбата во oктомври ќе биде поставена и во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб.
Сите заинтересирани автори своите дела со куса биографија (на една страница) да ги пријават на имејл адресата: litera.festival@gmail.com со назнака: За конкурсот на „Литера“. Селекцијата ќе ја прави комисија, а победниците ќе бидат соопштени најдоцна до 10 мај.





