„Потрага по шапката на мајсторот Крон“ е насловот на авантуристичката потрага која денеска ќе се одржи во Старата скопска чаршија. Станува збор за интерактивна социјална едукативна активност во којашто учесниците ќе имаат можност преку игра да решат мистерија и така да дознаат повеќе за старите занаети кои со векови опстојувале во чаршијата. Креатор и домаќин на авантурата е археологот м-р Василка Димитровска, консултант, сертифициран интерпретатор на наследство, креативен директор на ХАЕМУС и основач на програмата Storytelling Skopje.
– Учесниците добиваат специјална рачно изработена мапа на историскиот дел од Скопје која интерактивно ќе биде проследена со тајни насоки, загатки, кодови и предизвици. Нивна задача ќе биде да ги поврзат сите овие детали како сложувалка, во една логичка целина со цел да го најдат решението и да ја вратат шапката на сопственикот – објаснуваат организаторите.
Потрагата почнува во 11 часот пред Сули ан, а ќе трае до 12.30. Поради типот на активноста, групата е ограничена на 15 посетители, а бројката е веќе пополнета. Учеството на играта бесплатно. Настанот се организира во рамките на проектот „Чаршијата: галерија на занает и уметност“ поддржан од Europe House Скопје.





