Во Скопската чаршија се обединија уметноста и занаетот

Изложбата „Чаршијата: галерија на уметност и занает” што Europe House Скопје ја организира заедно со Факултетот за ликовна уметност беше отворена вчера во Сули ан. Во чест на Светскиот ден на уметноста – 15 Април, ваков вид настан по втор пат се организира.
Во контекст на Европската година на вештините, 12-мина студенти ги изложија своите дела во 10 дуќани на старите занаетчии – шапкарот, кројачот, бојаџијата, бурекџијата, јорганџијата…
– Се прашуваме зошто овој ден е толку важен? Тоа е поради комуникацијата на уметнсота и секојдневниот живот и самиот придонес што уметноста го има дадено за развојот на економијата во вашата земја, но и глобално. И токму поради таа причина ЕУ го поддржува развојот на уметноста и ми претставува задоволство да се среќавам со разни уметници. И кое би било подобро место, ако не Сули ан, тоа е локација за развој на занаетчиството и место каде луѓето можеле да ја изразат својата креативност – рече евроамбасаадорот Дејвид Гир на отворањето на изложбата.
Изложбата е спој на спротивности – на младите и старите, на традицијата и модерното, на вештините и совршенството.
Деканката на ФЛУ, Славица Јанешлиева истакна дека се радува што токму евроамбасадорот е гостин на нивниот факултет, човек којшто искличително ја почитува уметноста и културата.
– Многу ми е драго што ве гледам на овој убав настан. Лани се задржавме само на делот на Сули ан, годинава се обидовме да го прошириме изложбениот дел и во околината на Сули ан, поврзувајќи го занаетчиството со ликовната уметност. Им благодарам многу на студентите што создадоа дела што кореспондирааат со идејата дека уметноста припаѓа секаде и дека е многу интересно да и се доближиме на публиката не само преку галериските и музејските простори, туку и надвор, таму каде што не е очекувано дека ќе бидеме видени и ќе пренесеме порака. Уметноста е целосно околу комуникацијата, визуелните уметниоци комуницираме преку визуелни симболи. И сите други уметноти се подеднакво битни и ги инкорпорираме во творештвото – вели Јанешлиева.
По официјалниот дел, студентите и гостите заеднички ја видоа изложбата среќавајќи се занаетчии од различен тип.
На следниот може да ја следите мапата и да ги пронајдете сите дела и дуќани.

Сподели