Изложбата „На работ на зборовите“ во резиденцијата на ЕУ е само дел од низата активности годинава, со фокус на македонскиот јазик и литература
Не го губите и нема да го загубите својот идентитет и јазик на патот во Европската Унија, рече вчера евроамбасадорот Дејвид Гир на отворањето на изложбата „На работ на зборовите“ во резиденцијата на ЕУ во скопската населба Водно. Гир ја отвори изложбата со песната „Небиднина/Раѓање на зборот“ од нашиот голем поет Ацо Шопов, која тој ја прочита на македонски јазик: „Глужд на глужд. Камен врз камен. Камена шума изѕемнина…“
– Ова е само дел од низата активности годинава со фокус на македонскиот јазик и литература, како дел од вашиот и од идентитетот на целото европско семејство – рече Гир.
Активностите Делегацијата на ЕУ ги започна за да се слави јазикот, особено македонскиот јазик и литература.
– Како дел од богатата традиција и како дел од вашето наследство, како дел од вашиот идентитет, како дел од заедничката европска иднина – рече Гир.

Проф. д-р Искра Пановска-Димкова
Проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Kатедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Kирил и Методиј“ рече дека иако македонскиот јазик е кодифициран на 2 август 1945 година, тој има континуитет од 10 и 11 век преку црковнословенските ракописи.
– Македонскиот јазик е најнетипичен претставник на словенските јазици. Можеби е мал, според бројот на луѓе што го зборуваат, но е голем според делата што со него се напишани и допрва ќе се пишуваат – рече таа.

Во присуство на министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, претставници од Делегацијата на ЕУ, многу уметници, професпри и лингвисти беше отворена поставката на која се изложени дела од уметниците Славица Јанешлиева, Оливер Мусовиќ, Нехат Бекири, Александра Петрушевска-Ристовска, Анета Попова и Стефан Младеновски. Тие изработија лични интерпретации на многуте аспекти на зборот: како дел од јазикот, како средство за комуникација и едуцирање, како и феноменот на комуницирање без зборови. Изборот на уметниците и концепцијата на изложбата ја направија уметницата Дијана Томиќ-Радевска и Бојан Георгиевски од галеријата „Акантус“.

Александра Петрушевска-Ристовска, Оливер Мусовиќ, Славица Јанешлиева, Дијана Томиќ-Радевска, Бојан Георгиевски, Анета Попова, Нехат Бекири и Стефан Младеновски (од лево кон десно)
– Уметноста и зборот се две нишки кои испреплетени ја ткаат културната таписерија на едно општество. Токму на оваа врска е посветена изложбата. Преку анализа на различните аспекти на зборовите, на јазициите и на комуникацијата, ја опишува нивната врска со културата на едно општество – рече Георгиевски.

Дијана Томиќ-Радевска вели дека изложбата може да се толкува и како обид на комуникација – како ние подобро да комуницираме.
– Дали зборуваме за суштинските нешта, како до подобар дијалог – вели таа.
Томиќ-Радевска ја понесе публиката покрај секое дело поединчено и преку куси разговори со авторите ја претстави суштината на нивните дела. Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 5 мај.





