ЗЏМ: Разбирлив е отпорот кон промени, но не и избрзаните реакции на нашите колеги од Филхармонијата

Особено изненадени и затекнати сме од ставот на нашите колеги од Филхармонијата по одлуката на владата според која просторно Оркестарот за џез музика се планира да биде сместен во објектот на Филхармонијата, а по потреба ќе се користи и музичко-сценскиот простор на Националната опера и балет, објави денес Здружението на џез музичари и слободни уметници. Оттаму потенцираат дека добиле исклучително позитивни реакции од целокупната македонска јавност, но и честитки од колегите од регионот.

– Разбирлив е отпорот кон промени, но не можеме да ги оправдаме ниту прифатиме како основани изнесените ставови од страна на нашите колеги. Би сакале да ги потсетиме нашите колеги за заеднички реализирани проекти и потврдената квалитетна соработка во текот на овие 7 години работење на ЗЏМ Биг Бендот. Ова е период во кој Биг бендот успеа да реализира огромен број концерти во преполни сали за кои се бараше билет плус, на кои како гости учествуваа значајни имиња од земјава и регионот и чиј квалитет беше препознаен од целата македонска јавност, а дел од тие концерти беа реализирани во соработка токму со нашите колеги од Филхармонија. Драги ни се овие соработки, голем дел од концертите и пробите за овие концерти се случуваа токму во просториите на Филхармонија, па можеби затоа природно произлегла идејата нашата институција да има свое седиште токму во овие простории – велат од Здружението.

Ако земеме предвид дека станува збор за две институции кои функционираат на исто поле – музика, уметност, култура, наше мислење е дека овие институции треба синергично да соработуваат, заедно давајќи придонес во создавањето културни вредности, додаваат.

Во нашиот случај станува збор за новооформена институција, за прв пат после толку години во нашата земја има џез оркестар, па од наш заеднички интерес е да дејствуваме смирено и сплотено, најколегијално сите да придонесеме во формирањето на уште една културна установа која ќе промовира вистински вредности и висок квалитет.

-Да не го занемариме и фактот дека последниве 20-ина години се продуцираше исклучително квалитетен кадар од областа на џез музиката, таленти чиј квалитет и работа се неспорни, земајќи го предвид школувањето на најдобрите европски и светски џез академии, како и џез академиите во Скопје и Штип. Нивната работа е забележана и потврдена во земјава, но и надвор од неа; тоа е кадар чие место на професионално функционирање, но и обезбедување животна егзистенција, е токму во еден ваков оркестар. Да не дозволиме да го изгубиме овој кадар, туку заедно да придонесеме во создавањето нови приказни на квалитетна музичка соработка – велат во обраќањето.

Во писмото тие апелираат да не се избрзува со предвремени реакции пред конечно да се утврди како би функционирала новата институција. Тие повикуваат заедно да се разговара со Министерството за култура, Филхармонијата и со нив за објективно да се процени целата ситуација.

– Да се утврдат условите под кои нашата институција ќе може најдобро да функционира, и да се дојде до решение кое ќе биде во најдобар интерес за двете институции – велат од ЗЏМ.

Сподели