„Првите кралеви на Европа“, како воините станаа кралеви и засекогаш го променија општеството

Оваа ексклузивна изложба ни покажа колку е важна институционалната соработка во регионот, но и соработката со партнерските институции и фондации во Северна Америка, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска

„Нурнете се во историјата преку артефактите кои за првпат се претставуваат на едно место и патувајте назад од 5.000 година пред нашата ера до железното време за да осознаете како воините се претворија во кралеви и засекогаш ја променија структурата на општеството“. Со овие зборови Филдовиот музеј во Чикаго го најави големото отворање специјалната изложба „Првите кралеви на Европа“, во која се застапени и предмети од неолитот од Македонија.

На изложбата се застапени околу 700 предмети од 23 институции од Балканот. Од Македонија се вклучени дваесетина предмети од заводите и музеи од Битола и Прилеп и од гевгелискиот Музеј. Координатор од нашата земја е археологот Гоце Наумов.

Музејот „Филд“ во Чикаго

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска рече:
– Оваа ексклузивна изложба ни покажа колку е важна инаституционалната соработка во регионот, но и соработката со партнерските институции и фондации во Северна Америка за реализација на ваков проект, кој по своето значење секако ќе остави трајни научни и културолошки вредности за идните генерации.

Изложбата „Првите кралеви на Европа“ е реализирана со поддршка од Амбасадата на САД, која покажа големо разбирање за афирмацијата и заштитата на културното наследство на земјава.

Вилијам Паркинсон, куратор на изложбата вели:
„Изложбата беше спроведена во партнерство со 11 земји, на кои им се приклучија Соединетите Американски Држави и Канада, и 26 различни музеи. Многу од културните предмети никогаш не биле изложени надвор од нивните земји на потекло, а некои никогаш не биле изложени. Изложбата ,Првите кралеви на Европа’ е единствена можност да се видат овие културни објекти на едно место. Таа зборува за еволуцијата на нееднаквоста. Но, исто така, за еволуцијата на лидерството и луѓето кои, всушност, станаа владетели во тие општества“.

Наумов вели дека е голема чест што жртвеникот од Врбјанска Чука е еден од првите и најстари предмети со кои започнува мистичното патување низ балканската предисторија.

– Свое катче си имаат енеолитскиот скиптар од Шуплевец и железнодобниот накит од Милци, кои се дел од оваа приказна која буди голем интерес во светот. Артефактите од Македонија, вклопени во исклучителната изложба, говорат за тоа дека стопанството и религијата биле постојано испреплетени – од формирањето на неолитските земјоделски села до појавата на благородниците од железната доба – вели Наумов.

Изложбата е структурирана во четири главни делови: Територија пред кралевите: неолитски период; Првата позлатена доба: бакарната доба; Нови патишта на моќта: бронзеното време; Раѓањето на кралското семејство: железната доба. Изложбениот курс се развива преку посебна сценографија, која комбинира прикажување на предмети со графички елементи, видео и аудиоелементи.

Турнејата во Северна Америка почна во 2022 година во Њујорк, а по Чикаго, ќе заврши во 2024 година во Отава, Канада. „Првите кралеви на Европа“ е резултат на исклучителен културен проект, инициран пред шест години под координација на Музејот „Филд“, а ги презентира најважните праисториски археолошки артефакти од збирките на музејски институции од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Унгарија. Изложбата означува посебен момент на културна соработка меѓу државите од Северна Америка и Југоисточна Европа, во современо време на невидени можности за истражување на почетоците на историјата во овој дел од светот преку нови перспективи.

За изложбата се изработени извонреден зборник и каталог, уредени од авторите Атила Гјуча и Вилијам Паркинсон, кои се публикувани од престижната издавачка куќа на Археолошкиот институт „Котсен“ при Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес.

Сподели