Протесно писмо на Управниот одбор на Филхармонијата до Владата

Управниот одбор на Филхамонијата упати протесно писмо до претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и до министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, по повод донесената одлука новоформираниот Оркестар за џез музика да биде просторно сместен во објектот на Филхармонијата. Претходно, на одлуката реагираше и синдикатот на оваа национална установа. Го објавуваме протесното писмо во целина:

Оваа информација, која ја дознавме од медиумите, не наиде затечени и изненадени бидејќи пред донесување на ваквата одлука никој не се обрати до НУ Филхармонија да ја констатира фактичката состојба и искористеноста на просторот во објектот.

Управниот одбор го поздравува формирањето на Оркестар за џез музика, но најостро го осудува и се спротивставува на одлуката просторно овој бенд да биде сместен во објектот на НУ Филхармонија.

Македонската Филхармонија скоро цели 80 години е стожер на македонската музичка култура и уметност. После долги години на успешно реализирање на своите програмски активности во несоодветни и тешки услови, конечно во 2017 година го доби својот дом каде се обезбедија услови за функционирање на ваков симфониски оркестар и администрацијата.

Напоменуваме дека проектот и изградбата на објектот во кој е сместена НУ Филхармонија е наменски изготвен и реализиран според стандардите и спецификите токму за потребите на еден симфониски оркестар. Сите простории во објектот имаат своја функционалност и намена. Во објектот не само што нема дополнителен и неискористен простор, туку се соочуваме и со немање доволно простор за доброто функционирање на одредени позиции.

НУ Филхармонија е втор дом на сите вработени во институцијата, а особено на музичарите кои за да ја остварат својата улога како членови на оркестарот поминуваат часови и часови во вежбање на своите инструменти. Покрај индивидуалната работа, музичарите секојдневно имаат и проби по групи сè со цел адекватно да се подготват и да го постигнат неопходното музичко и техничко ниво за пробите и концертите на оркестарот.

Поради сè погоре спомнато, функционирањето на две институции под ист покрив во веќе целосно искористен и окупиран простор, нема да биде возможно и дополнително ќе се наруши функционалноста и безбедноста на објектот.

Воедно Ве покануваме да дојдете на состанок во НУ Филхармонија и на лице место да извршите увид на состојбата и целосната искористеност на просторните можности на објектот.

Се надеваме дека ќе ја разберете загриженоста на вработените, директорот и управниот одбор и ќе дејствувате брзо и ефикасно, бидејќи состојбата е загрижувачка. Не дозволувајте ова незадоволство да ескалира и да доведе до несакани последици (штрајк на вработените, излегување на протест и медиумско изнесување на проблемот).

Воедно, се надеваме дека ќе се најде соодветен простор за дејствување на Оркестарот за џез музика на друга локација и дека нема да се дозволи да се наруши успешното работење на оркестарот на НУ Филхармонија, на радост на културната јавност и нашата верна публика.

Фото: Филхармонија

 

Сподели