Синдикатот на Македонската филхармонија преку петиција соопшти дека не се согласува новоформираната институција Оркестар за џез музика да се удоми во објектот на Филхармонијата
Музичарите од двата оркестра да покажат меѓусебно разбирање на почетокот на формирањето на новата установа која со својата дејност веќе ја збогатува македонската музичка култура. Ова е ставот на Министерството за култура откако вчера Синдикатот на Македонската филхармонија преку петиција соопшти дека не се согласува новоформираната институција Оркестар за џез музика да се удоми во објектот на Филхармонијата. Од Здружението на џез музичарите кое практично се институнационализира во Оркестар за музика велат дека тие не одлучуваат каде ќе биде сместена новата институција.
Вкупно 108 вработени во Македонската филхармонија ја потпишале петицијата која на 28 март е испратена до претседателот на Владата, министерката за култура, до директорката и до Управниот одбор на Филхармонијата. Синдикатот е дециден дека надлежните институции сакајќи да решат еден, произведуваат друг проблем од невидени размери кој може да остави долготрајни несакани последици.

Оркестарот на Филхармонијата
„Пред една недела веста дека Владата донела одлука за формирање на нова национална институција – Оркестар за џез музика нè затече сите. Ја поздравуваме одлуката бидејќи ќе придонесе за развој на културниот живот во државата, но решението новата институција да биде сместена во објектот на Филхармонијата е целосно несоодветно и ќе направи повеќе штета отколку полза“, пишува во петицијата.
Од Синдикатот велат дека не е возможно во објектот на Филхармонијата паралелно да работат две институции, односно два различни субјекти. Според нив, концертната сала и целиот објект е замислен, конципиран и изграден исклучиво наменски и според потребите на севкупното функционирање на Филхармонијата.
„Музичарите вработени во филхармонијата голем дел од работните часови ги поминуваат и во индивидуална и групна работа во одделните соби во објектот наменети за оваа цел. Во објектот има точен број соби за вежбање, направени со прецизни акустички мерења за секоја група на инструменти одделно. На пример, во собата за контрабаси, волуменот, квадратурата и акустиката е соодветна исклучиво за оваа група. Не би можеле и не е соодветно оваа група на инструменти да ја сместите во собата за флејти, која е направена специфично за оваа група. Капацитетот за вработените во делот на администрацијата и техничката служба, е целосно исполнет. Во објектот има и нототека, која тековно се пополнува со нотна литература и веќе кубури со простор, како и студио за снимање, за чии потреби беше пренаменета една од просториите за вежбање“, наведуваат од Синдикатот.

Оркестарот на ЗЏМ
Гоце Стевковски, претседател на Здружението на џез музичарите и практично идеен креатор на иницијативата да се трансформираат во институција вели дека тој, односно ЗЏМ не ги носат одлуките.
– Одлуките ги носат Владата и Министерството за култура. Ние немаме ингеренции да решаваме каде ќе работи новата институција – вели Стевковски.
Од Министерството за култура велат дека во постапка правното формализирање на Оркестарот.
– Начелно, објектот на Филхармонијата, како најсродна институција до новоформираниот оркестар е предложен за користење до конечното формирање на установата. Очекуваме, колегите од двата оркестра да покажат меѓусебно разбирање во оваа првична фаза за новата установа која со својата дејност веќе ја збогатува македонската музичка култура, до конечното решение за нејзините потреби во делот на непречено административно и концертно дејствување – велат од Министерството.





