Уметноста е таа која одговара на не многу пријатните прашања

Проектот на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска ја претставуваше Македонија на 59. Венециско биенале за ликовна уметност

Во овие непредвидливи времиња, кога светот се соочува со војни, пандемии и други кризи, верувам дека уметноста дава одговори на не многу пријатните прашања, коментира, критикува, опоменува, порачува, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на претставувањето на мултимедијалниот проект „Пејзажно искуство“ во Чифте амам, во Старата скопска чаршија. Проектот на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска ја претставуваше Македонија на 59. Венециско биенале за ликовна уметност.

Сања Којиќ-Младенов, Ана Франговска, Роберт Јанкулоски, Дита Старова-Ќерими, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Моника Мотеска

– Проектот „Пејзажно искуство“ е непосреден одговор од нашите етаблирани уметници на постојаните промени во природата и општеството, што се печат на современото време. Тие бараат одговор на актуелните прашања за одговорноста на поединците кон планетата, кон другите луѓе и форми на живот, а овој проект е потврда дека уметноста и уметниците можат да ни укажат на проблемите и да ни помогнат да замислиме нови начини и нови бесконечни можности за светот да стане подобро место за живеење – рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа изрази задоволство што нашата земја преку своите уметници, архитекти, куратори, континуирано се претставува на Венециското биенале, во областа на уметноста и на архитектурата. За уметниците тоа е неповторливо искуство, голем мотив, но и предизвик да дадат сè од себе за да се претстават на најдобар начин пред најпребирливата критичка јавност и пред многубројната публика.

Куратори на проектот се Ана Франговска и Сања Којиќ-Младенов. Уметничките истражувања на Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски со својот наратив припаѓаат на широкото поле на уметнички искази кои ѝ даваат важност на културата на сеќавањето. Присутна веќе неколку децении низ различна теориска, научна, уметничка и културна практика, културата на сеќавањето има сè поголемо значење не само во конституирањето на историјата „која ја пишуваат победниците“, нејзината митологизација и критика, туку и во контекстот на изградување на лични и колективни идентитети – родови, расни, етнички, верски, социјални и други…

Сподели