Од Венеција во Скопје – изложбата на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска во Чифте амам

Изложбата „Пејзажно искуство“ на уметниците Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска кои ја претставија Македонија на 59. Венециско биенале за ликовна уметност, вечерва во 19 часот ќе биде отворена во Чифте амам во Старата скопска чаршија. Изложбата ќе ја отворат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорката на Националната галерија на Македонија и комесар на изложбата, Дита Старова-Ќерими. Куратори на проектот се Ана Франговска и Сања Којиќ-Младенов.

Уметничките истражувања на Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски со својот наратив припаѓаат на широкото поле на уметнички искази кои ѝ даваат важност на културата на сеќавањето. Присутна веќе неколку децении низ различна теориска, научна, уметничка и културна практика, културата на сеќавањето има сè поголемо значење не само во конституирањето на историјата „која ја пишуваат победниците“, нејзината митологизација и критика, туку и во контекстот на изградување на лични и колективни идентитети – родови, расни, етнички, верски, социјални и други…

– Landscape Experience предоминантно се занимава со причините и апсурдите на човековата егзистенција, со убавото и грдото, со кризата на духот, но исто така се занимава и со доминацијата на капиталот, колонијалните политики, идеологиите и технологијата кои влијаат врз разобличувањето на рамнотежата на човекот, живиот свет и природната средина во екосистемот – велат кураторите.

Изложбата ќе биде поставена во Чифте амам до 30 април.

Сподели