„Landscape experience“ е мултимедијален проект, составен од 6 големоформатни фотографии, видеоинсталација и уште една видеопроекција

„Венеција веќе живее во атмосфера на Биеналето. Низ целиот град се разнесуваат уметнички дела. Пристаништето каде што ги товаривме делата и другиот материјал во чамец беше претворено во уметничка галерија или поточно музејско депо на отворено. Затоа што беше исполнето со спакувани уметнички дела кои чекаа транспорт до своите павилјони. Во сите кафеани, кафулиња, градски превоз на сите јазици се слуша зборот „биенале“ и се водат разговори околу манифестацијата. Навистина убава предбиенална атмосфера“, вели фотографот Роберт Јанкулоски. Тој и уметницата Моника Мотеска со проектот „Landscape experience“ годинава ја претставуваат Македонија на Венециското биенале за ликовна уметност. Организатор е Националната галерија на Македонија, куратори се Ана Франговска и Сања Којиќ Младенов, а комесар – Дита Старова-Ќерими.

Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски

Венеција по 59. пат се подготвува да прими неколку стотини уметници и нивните мултимедијални дела што ќе бидат изложени пред светската јавност во наредните шест месеци. Престижното Венециско биенале од задутре до петок ќе биде отворено за професионалнците – уметниците, ликовните критичари, куратори, менаџери, галеристи, а од сабота за сите љубители на уметноста. Македонскиот павилјон сместен во објектот Скуола деи Ланери ќе биде отворен в петок од 18 до 21 часот.

Стануваме најсебичните суштества на оваа планета

Јанкулоски објаснува дека „Landscape experience“ е мултимедијален проект, составен од 6 големоформатни фотографии (пигментен принт на архивска памучна хартија), видеоинсталација (видео проекција, 220 војнички шлемови) и уште една видеопроекција.

– Целиот проект е поврзан и гради една целина. Од друга страна сите делови функционираат самостојно како самостојни единки, но и се поврзани меѓу себе, се надополнуваат, се испреплетуваат. Проектот ќе биде изложен во Скуола деи Ланери, зграда од 16 век која му припаѓа на барокниот период. Местото и градбата се многу добри, но ние моравме да направиме некои доградби во просторот затоа што тука постојат строги закони каде може да се кова, а каде не. А, и да создадеме чисти површини за фотографиите и проекциите. Самиот проект бара прилагодување на просторот за најдобро да се презентираат делата. Во едниот дел од галеријата изградивме простор кој наликува на мала камерна галерија и тука ќе бидат изложени фотографиите. Длабоко во другиот дел изградивме ѕид на кој ќе оди проекција со пеливани, а на подот пред неа ќе биде поставена инсталацијата со шлемови. На другиот крај изградивме ѕид/објект и врз него го проектираме другото видео кое на некој начин го заокружува целиот проект – вели тој.

Уметничката идеја на „Landscape experience“ се занимава со анализа на односот помеѓу телото и природата, човекот и технологиите, човекот и неговата врска со останатиот жив свет. Според Јанкуловски, како жители на оваа планета, уметниците не живеат изолирано. Сите проблеми кои ги тиштат другите луѓе ги мачат и нив.

– Во многу наши дела ние зборуваме за тој однос на човекот, неговата неодговорност кон сè што се случува било да се војни, загадување, мутации, изумирање на цели видови и трошење на ресурсите на земјата. Во ова време на антропоцентризам, кога многу работи зависат од нас ние стануваме најсебичните суштества на оваа планета. Колку технолошки сме понапредни, толку повеќе ги губиме контактите со сè што нè опкружува – вели Јанкулоски.

Тој е задоволен од просторот во Скуола деи Ланери, но треба да направат делото да функционира во тој простор. Делата се веќе пристигнати и во просторот се прават последните корекции, местење на проекциите, осветлување на фотографиите и слично.
– Сега сè зависи од нас, но се надеваме дека достојно ќе ја презентираме нашата работа и во најубаво светло ќе ја претставиме нашата држава – вели Јанкулоски.

Мотеска: Ние сме тим и бескрајно си помагаме

И тој и Мотеска зад зебе имаат докажани засебни уметнички кариери, но не работат првпат заедно на проект. На прашањето како се надополнуваат авторски и што е пресудно за соработката добро да функционира, Мотеска објаснува:

– Двајцата како автори имаме засебни кариери и многу е интересно дека само во проектот „Заборавени сеќавања“ се потпишавме заедно. Тогаш освен изложба направивме и филм со луѓе што го преживеале скопскиот земјотрес. Ние сме тим и бескрајно си помагаме, знаеме кој како функционира и секој е задолжен за различна работа. Кога се градевме како уметници заедно, низ времето научивме дека најважно е да бидеме искрени во тоа што го правиме. Можеби сме и по малку идеалисти затоа што веруваме во вистински вредности. Не отстапуваме од нашите замисли. Роберт понекогаш се лути за некои мои идеи, но на крај ми помага во нивна реализација, а јас пак му олеснувам со некои работи за да има повеќе време за неговата уметност. Не сме суетни и секој ја прифаќа забелешката и советот од другиот. Најважно од сè е никогаш да не си премногу задоволен и секогаш да се преиспитуваш во тоа што го работиш и во издржаноста на истото – вели таа.

Според Мотеска, Венециското биенале е предизвик за секој уметник, но и одговорноста што доаѓа е исто така голема како и желбата да се биде дел од него. За реализација на едно дело сè е важно.
– Во уметноста, исто како и во другите области, не постојат важни и споредни работи. Секој детал е важен и сè е поврзано. Добра идеја со лоша изведба значи лошо дело и обратно. Ние се трудиме секој дел од процесот на создавање на едно дело да го направиме колку што можеме подобро. Секако дека не се натпреваруваме со големите ѕвезди ама се трудиме делото да биде издржано. Колку ќе успееме во тоа, ќе видиме – вели Мотеска.

Учеството на Венециското биенале е значајно за нив. Го доживуваат како голема одговорност и чест да ја претставуваш својата земја.
– Јас сум среќна што имаме толку убава соработка со комесарот на изложбата Дита Старова-Ќерими и двете кураторки Ана Франговска и Сања Којиќ Младенов. Сите ние заедно сме дел од ова патување наречено „Ла Биенале“. Лично би сакала да создадеме дело кое на некој начин ќе отвори прашања за кои треба да се зборува и дејствува – вели Мотеска.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.