Додека го славиме Месецот на франкофонијата тука во Македонија, ја препознаваме важноста од промовирање на францускиот јазик и култура – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на новите простории на Центарот за француски јазик „Француската алијанса“ – Тетово, што се наоѓаат во Центарот за култура.
– Францускиот јазик го зборуваат над 300 милиони луѓе ширум светот, што го прави важна алатка за комуникација и културна размена. Во Северна Македонија, ‘Француската алијанса’ континуирано е составен дел од оваа иницијатива, која неуморно работи на обезбедување можности на заедницата да учи и да се вклучи активно во француската култура – додаде таа.

„Француската алијанса“ – Тетово, беше промовирана со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и при тоа беше истакнато дека таа има клучна мисија и визија на промовирање на францускиот јазик и култура со верба дека овој нов простор ќе овозможи дополнително да се зајакнат врските помеѓу двете земји.
Министерката посочи дека овој нов простор ќе им овозможи тетовчани да ги прошират своите активности и да обезбеди уште повеќе можности за да ја научат и доживеат вистински француската култура.
– Ќе ве потсетам на францускиот писател Виктор Иго кој рекол: „La langue française est une fenêtre ouverte sur une vision différente du monde“ – „Францускиот јазик е отворен прозорец кон различен поглед на светот“. Затоа Француската алијанса игра важна улога во промовирањето на културната размена и разбирање, што претставува вистински предизвик во денешното глобално општество. Францускиот јазик има богата историја, а неговото учење може да отвори нови можности за личен и професионален раст и развој на секој поединец. Како ‘Француската алијанса’ – Тетово сте витален дел од промовирањето на оваа културна размена овде во Македонија и ви посакувам успех во вашите идни напори – заклучи Костадиновска-Стојчевска.





