Охридскиот Завод и музеј ја откупи виолината на познатиот охридски трубадур Климе Садило, како дел од годишната програма за проекти од национален интерес на Министерството за култура. Со реализацијата на проектот, исполнета е последната желба на Климе Садило – виолината да остане во Охрид и да се презентира еден многу важен дел од духовната култура на Охрид – трубадурската песна со долговековна традиција на овие простори, велат од Заводот. Раководителка на проектот е етнологот Оливера Мишева, виш кустос во охридскиот Завод и музеј. Проектот е реализиран благодарение на соработката на правнукот на Климе Садило, Дарко Заричиноски.

Оливера Мишева и Дарко Заричиноски
Климе Садило е роден во 1881 година во Охрид. Од млада возраст се занимавал со чалгискиот занает. Прво свирел со татко му, а од 1906 година ја оформил својата тајфа „Такамот на Садиловци“, подоцна преименувана во „Охридски трубадури“.
– Тој припаѓа на втората, а според некои истражувачи на третата генерација охридски чалгаџии. Во неговата тајфа свиреле: Наум Курте, Паско Пепелко, Кирил Кузманов, Ѓоре Чочег, Димко Карче, Мехмет Утчи. Климе Садило ја купил виолината од семејството Лозанчеви од Битола во 1913 година каде го изучувал чалгискиот занает и на неа свирел до крајот на својот живот. Го познавал нотното писмо, свирел со лева рака, во стил со продорен, некогаш не толку чист, но и мекамлиски тон – велат кустосите.

Чалгискиот занает му бил единственото занимање со кое го издржувал своето семејство. Со тајфата настапувале во Охрид, Ресен, Кичево, Струга, Дебар, но и надвор од Македонија – Србија, Албанија, Бугарија. Не можел да се замисли некој настан во градот, а да не се викне Такамот на Садиловци. Свиреле на свадби, крштевки, сунети, големи празници, панаѓури. Во репертоарот имале македонски, српски, турски, бугарски, албански и влашки песни. Климе Садило е автор на песни и ора како: „Собарско оро“, „Излези на пенџере Рисавѓи“ и други. Снимиле лонг плеј плоча во Америка на Бродвеј, но и плочи за дискографската куќа „Југотон“ од Загреб. Во песните што ги изведувале се пеело за старите охридски семејства, правилата и нормите на живеење, традицијата и обичаите, за забранетата љубов, неостварената љубов, како и за идеалите на народот на овие простори и борбата за слобода.

– Виолината според неофицијални проценки е изработена во Германија околу 1880 година. Таа е во добра состојба и е изложена во Музејот „Робевци“ во рамките на постојаната етнолошка поставка каде е презентирана градската култура преку стилски мебел, накит и градска облека ала турка и ала франга. Тука може да се слушнат и оригинални аудио снимки од песните на „Охридските трубадури“ – велат кустосите.





