Во лабораторијата, под надзор на професионално обучено лице ќе може да се направат иновативни производи од биоотпад, дали од кора од портокал, отпад од кафе, банана и слично ќе се создадат нови природни материјали
Биотехнолошката лабораторија ќе ја доближи науката до учениците, студентите и академскиот сектор, до граѓанскиot сектор, претприемачите и иноваторите и ќе овозможи дизајнирање на трајни решенија за комплексните еколошки предизвици, рече вчера градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на отворањето на првата градска биотехнолошка лабораторија во средното училиште „Марија Кири-Склодовска“. На отворањето присуствуваа и Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП и Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.
Арсовска рече дека најважно е што градот заедно со своите средни училишта, со депонијата „Дрисла“ и со сопствените ресурси прави еден сеопфатен процес.
– Со оваа лабораторија не само што ќе придонесеме за овој процес, туку и комплементарно се надополнува сето она кое што се обидуваме да го направиме во делот на животната средина. Покрај лабораторијата, годинава се набавуваат и две нови биокомпостари со кои ќе може да се најде навистина квалитетна употреба на сето она што досега ниту било рециклирано за повторно да може да се употребува – додаде Арсовска.

Патриција ди Џовани (лево), Данела Арсовска и Армен Григоријан
Со отворањето на лабораторијата се формира Национална иницијатива за трансформација на биоотпад, био-хакирање и биотехнологии која ќе поттикне иновации, и ќе инспирира ангажман и активност од различни заедници во земјата за изнаоѓање решенија за заштита на животната средина. Ќе може да експериментира со трансформација на биоотпадот, како и со биотехнологии како влезна точка во создавањето претприемачки можности за што позелена иднина.
Биоотпадот сочинува 45,6 отсто од целокупниот отпад произведен во земјата. Поголемиот дел од овој отпад, околу 95 отсто завршува на депонии и полиња, испуштајќи гасови со ефект на стаклена градина и со тоа придонесува за низа еколошки предизвици за нашето општество.
Лабораторијата има и компонента за микробилогија и молекуларна методи кои ќе биде појдовна точка за eдукативна надоградба и на јавноста, како и за академски граѓани кои ја започнуваат својата кариера во делот на биотехнологиите.

Во лабораторијата, под надзор на професионално обучено лице ќе може да се направат иновативни производи од биоотпад, дали од кора од портокал, отпад од кафе, банана и слично ќе се создадат нови природни материјали – односно да се трансформира отпадот во етерично масло што би се пласирало на пазарот или концептот да се презентира пред инвеститори. Во лабораторијата ќе може иноватори, претприемачи, ученици, наставници и цела заинтересирана јавност, да тестираат идеи, учат и да експериментираат во насока на креирање на иновации. Дополнително, ќе има простор да се работи и на друг тип на иновативни решенија во областа на биотехнологиите како на пример истражување на структурата на ДНК или демонстрирање како работи PCR машина.
– Поголем дел од населението сега живее во градовите, а се очекува до 2050 година дури 60 отсто од населението да живее во градовите и затоа потребно е да се најдат начини како животот во градовите да стане полесен и поодржлив за целото ова население. Реализирањето на овој инспиративен проект ќе му помогне на училиштето да се поврзе со нучните и истражувачките центри, а со тоа ќе добие додадена вредност на самите наставни програми и на образовните програми на своите ученици – рече Григоријан.
Ди Џовани нагласи дека од неизмерна важност е учениците да имаат на располагање простор каде што ќе имаат можност да учат, да напредуваат и дека програмата на Биотехнолошката лабораторија ќе придонесе кон раст на иновациите и претприемништвото во рамките на формалниот образовен процес и ќе поттикне интерес кај учениците да го продолжат својот кариерен развој во науката.
Фото: Град Скопје





