Со оваа изложба кажуваме каква е важноста на примерите, на овие големи водачи, храбри жени што ги имаме овде, кои ни покажуваат на каков начин ги остваруваат правата – вели Моника Сандри, претставничката на УНХЦР
Би било прекрасно да живееме во свет во кој ќе биде вообичаено жените да се возачи на автобус, да се извонредни диригенти, пилоти, но треба уште многу да направиме во врска со тоа. Родовата еднаквост сите нè засега – истакна завчеравечер евроамбасадорот Дејвид Гир на отворањето на изложбата „Иднина е женски род“ во холот на „Ист гејт мол“, а во чест на Меѓународниот ден на жената. Плакати со 12 извонредни жени од различни професии што ги изработи уметникот Зоран Кардула ѝ се достапни на јавноста и се таму за да покажат како се рушат бариери, стереотипи и како се следат соништата. Изложбата ја организираа Делегацијата на Европската Унија и Europe House Скопје, во соработка со канцеларијата на Обединетите нации во земјава.

Своите приказни гордо, визуелно и со куса порака ги раскажуваат: Стефанија Димеска – пилот, Марта Пејоска – изработувачка на филигран, Дороти Пачкова – промоторка на правата на самохраните родители, Бисера Чадловска – диригентка, Кристина Атовска – воена репортерка, Ленче Здравкин – филантроп, Макфире Шакири – возач на автобус, Снежана Караџовска – во трка со животот, Елизабета Петковска – занаетчија, Ива Пројковска – меѓународна фудбалска судијка ФИФА, Магдалена Јанчова – пчеларка и Фатма Бајрам Аземовска – активистка.
Министерки, амбасадори, активисти беа дел од публиката. Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот Стево Пендаровски, потсети на суштината на празникот и на борбата за политичка, социјална и економска рамноправност што мора да продолжи и тоа „сè додека има макар една девојка што не добила можност да се образова, да работи, да одлучува за сопственото тело, да планира семејство“.

– Има нешто прекрасно да се биде жена. Секој ден да живееме како на поле во кое можеме да ја покажеме сопствената пожртвуваност, храброст, професионалност, љубов, верба. Неопходна е и солидарност, заедништво со мажите кои треба да ни даваат континуирана поддршка. Има жени што живеат со насилство, во социјален ризик, па затоа ние што можеме, треба да им помогнеме да излезат од кругот на насилството, да им помогнеме да излезат од кругот на маргинализацијата. Да бидеме добри кон себе и кон другите, да пратиме порака дека сакаме однос на општеството кон нас каков што заслужуваме – рече првата дама.
За тоа колку се важни примерите во нашите животи и дека од нив најдобро учиме, потсети Моника Сандри, претставничката на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации, УНХЦР. Таа се потсети на важен совет што го добила од лекар кога нејзините ќерки биле мали – дека најважно за правилно да пораснат децата е да им се подари љубов, но и три други работи – примери, примери, примери.

– Со оваа изложба кажуваме каква е важноста на примерите, на овие големи водачи, храбри жени што ги имаме овде, кои ни покажуваат на каков начин ги остваруваат правата. Важно е да го славиме успехот. Годинава славиме 75 години од Конвенцијата за човекови права. И правата на жените се човекови права. За жал, не секаде е така, на пример, во Авганистан. Да славиме, но да не заборавиме да се бориме – заврши Сандри.

Евроамбасадорот Гир и Микела Матуела, в.д. директорка за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, им подарија романи од македонски авторки на учесничките на изложбата и гостинките на настанот. Изложбата ќе биде отворена еден месец.






