Дина Јашари е финалистка на музичките награди ХЕМИ

Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации ХЕМИ (Hub for the Exchange of Music Innovation – HEMI) ја вброи Дина Јашари во потесната листа на деветте финалисти на годинешните музички награди ХЕМИ. Јашари ќе биде во друштво на музичари од Централна и Југоисточна Европа: Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Македонија, Полска, Романија, Србија и Словенија. За опсегот на македонската пејачка, организаторите велат дека станува збор за „сонливи хармонии и свеж ритам“.

Во оваа фаза на наградите деветте музички изведувачи ќе имаат пристап до менторирање и обуки кои целат кон развивање на нивните способности и вештини во комуникации и обезбедување приходи, со крајна цел да се поттикне нивната меѓународна кариера. Понатаму, тие ќе имаат пристап до ХМА програма за турнеи кои вклучуваат соработка со букинг менаџери од Европа, активности за вмрежување во рамки на 9 ХЕМИ партнер настани, како и награда од 2000 евра за секој финалист.

Запознајте се со сите прекрасни и разновидни мелодии на ХЕМИсферата – ТУКА!

Деветте „ХМА“ финалисти беа избрани од вкупно 27 музички изведувачи кои беа номинирани во првата фаза на наградите. За финалистите одлучуваа гласовите на „ХЕМИ“ меѓународното жири во кое членуваат претставници на фестивали и изложбени конференции, музички сали, букинг агенции, музички асоцијации, институции за музички експорт и музичките медиуми, а кои можете да ги запознаете тука!

Ова е талент–програма за изведувачи кои се спремни да ја развијат својата кариера и да освојат нов меѓународен пазар и публика. ХМА се организирани од Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации – ХЕМИ, европска инцијатива кофинансирана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, која се стреми да ги поддржи уметниците и професионалците од музичката индустрија во Чешка, Естонија, Македонија, Полска, Романија, Србија и Словенија.

 

Сподели