Претставници од повеќе институции од воспитно-образовниот процес учествуваат во подготовката на првата нацрт верзија на новиот закон за учебници во основното и средното образование. Иницијативата е на Министерството за образование и наука и Педагошката служба за да се унапреди квалитетот на содржината на учебници, да се намали веројатноста за појава на грешки од различна природа во содржината и да се поедностави процесот на набавка и навремена испорака до училиштата.
– Потребата од ново законско решение во интерес на образовниот систем и квалитетот на воспитно-образовниот процес во државата е повеќе од очигледна поради неопходноста од поставување на повеќе дополнителни филтри за контрола при изработка и одобрување на содржината на учебниците, но и изнаоѓањето начин за поттикнување на што поголема конкуренција, односно поголем број автори со свои ракописи, како и рецензенти за одобрување на ракописите да се пријавуваат на јавните огласи – велчат од МОН.
Во новото законско решение ќе бидат интегрирани сите конструктивни предлози што од јануари пристигнаа на адреса на МОН, кога беше повикана јавноста да даде забелешки и сугестии на постојното законско решение што е основа за изработка на ново подобро решение. Јавната дебата ќе продолжи со проследување на нацрт законското решение до Владата, од каде ќе биде објавено на ЕНЕР системот, а потоа и проследено до Собранието на финална дискусија и конечно усвојување.