Праисторијата во Струмичко-радовишкиот Регион во Археолошкиот музеј во Скопје

Изложбата „Праисторија во Струмичко-радовишкиот Регион“ ќе биде отворена денеска во 13 часот во Археолошкиот музеј во Скопје. Ќе бидат претставени артефакти прибирани со повеќедецениски археолошки истражувања кои започнале во втората половина на 80-тите години од минатиот век. Автор на изложбата е археологот м-р Зоран Рујак од струмичкиот Завод и музеј. Откриените артефакти им припаѓале на праисториските заедници кои живееле на територијата на Струмичко-радовишкиот Регион, презентирајќи ја материјалната, но и духовната култура на овие простори од пред повеќе милениуми.

Рујак вели дека долгогодишните археолошки истражувања во овој регион дале почетна основа за разбирање на процесите на создавањето на праисторски заедници кои се развивале од раниот неолит до полното железно време во една затворена микроцелина.

Проектот го реализираат Заводите и музеи од Струмица и Штип и Археолошкиот музеј од Скопје. Покрај Рујак кој е еден од истражувачите во Струмичко-радовишкиот Регион, во реализацијата на проектот учествуваат и други археолози кои долги години го истражуваат светот на праисторијата: м-р Елена Стојанова-Канзурова, д-р Митко Штерјов, д-р Трајче Нацев, Игор Толевски и Оливер Бојаџиев.

Изложбата е во рамките на одбележувањето на јубилејот 70 години од постоењето на Заводот и музеј – Струмица каде беше отворена на почетокот на годинава.

Сподели