Доајените на македонската и југословенската уметност обединети во изложбата „Мајчинство”

Во Чифте амам во Старата скопска чаршија отворена е тематската изложба „Мајчинство“ по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената. Изложбата претставува селектиран избор на македонски и странски автори, припадници на различни генерации ликовни автори, кои ја опфаќаат темата мајка и мајка со дете, односно една од најповиканите и тематски најзастапена улога на жената низ историјата. Селекцијата опфаќа дела кои се дел од богатата колекција на Националната галерија. Куратор е Елена Иванова, кустос.

– Изложбата вклучува широк избор на дела, почнувајќи од иконовидните претстави на Богородица па сè до новите медиуми. Темата е застапена преку повеќе ликовни техники и принципи на ликовно изразување како масло на платно, темпера на картон, молив на хартија, туш на хартија, бакрорез, монотипија, фотографија на форекс, таписерија. Скулптурите кои се дел од оваа изложба се изведени во техниките на теракота, гипс и бронза – вели Иванова.

На изложбата застапени се дела од Димитар Андонов Папрадишки, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски, Петар Мазев, Ванчо Ѓорѓиевски, Глигор Чемерски и др. Воедно застапени се и примери од авторите кои припаѓаат на југословенската збирка меѓу кои: Иван Мештровиќ, Павле Симиќ, Лука Тошановиќ и др.

– Оваа презентација ќе и овозможи на публиката да види ликовни остварувања од првите самоуки сликари, академски образовани уметници, како и автори од поновите генерации – велат од Националната галерија.

Сподели