„Сечи!“ – хорор-комедијата на Мишел Азанависиус во Кинотеката

Кинотеката вечерва. Новиот филм на Мишел Азанависиус „Сечи!“, копродукција помеѓу Франција, Јапонија, САД и Британија, ќе биде прикажан во 19 часот. Во филмот што беше номиниран за две награди на француската кинематографија „Цезар“, играат: Ромен Дури, Беренис Бежо, Грегори Гадебоа, Финеган Олдфилд. Работите во оваа хорор-комедија тргнуваат наопаку кога мала филмска екипа снима нискобуџетен зомби филм и истите се нападнати од вистински зомбија. Филмот е адаптација на култната јапонска зомби комедијата One Cut of The Dead од Шиничиро Уеда. „Сечи!“ е новиот филм на Азанависиус, кој со „Артистот“ не само што победи на доделувањето на „Оскарите“ и наградите БАФТА во 2012 година, туку постави и нови стандарди со неговото видување на стариот црно-бел формат како посвета на ерата на немиот филм во Холивуд. Со него освои повеќе од 50 награди на светските филмски фестивали.

Претходно во 17 часот, ќе биде прикажан црно-белиот „Каде по дождот“ на Владан Слијепчевиќ, филм од 1967 година. Играат: Али Ранер, Илија Џувалековски, Олга Спиридоновиќ, Станислава Пешиќ. Лела е ќерка на родители чие учество во војната им овозможило успешни кариери. Таа ги има сите предуслови за лесна и богата егзистенција. Можеби затоа младата девојка се спротивставува на малограѓанското разбирање на животот.

Шпанско-италијанскиот филм „Алкараз“ на Карла Симон ќе биде прикажан вечерва во 21 часот во Кинотеката. „Алкараз“ ја освои главната награда на Берлинале минатата година, „Златна мечка“ и уште 15 други награди на светските фестивали, а освои педесетина номинации за награди. Учествуваше и на филмските фестивали во Истанбул, Мелбурн, ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола… Во филмот од 2022 година играат: Жорди Пујол Долчет, Ана Отин, Берта Пипо, Хосеп Абад, Алберт Бош. Приказната на „Алкараз“ говори за последиците од економската криза кое ќе го почувствува едно семејство во селото Алкараз, во регионот Каталонија. Откога паметат за себе, семејството Соле секое лето го минувале во селото Алкараз, на нивниот овоштарник со праски. Но, претчувствуваат дека ова лето ќе им биде последно од старата традиција: ќе го загубат овоштарникот со праски, а овошките ќе бидат искорнати за да се градат соларни панели на тоа земјиште. Членовите на семејството Соле за првпат се соочуваат со неизвесната иднина, ризикувајќи да изгубат многу повеќе од овоштарникот – традиционалните односи во семејството. Младите уживаат во сегашноста која им изгледа вечна, таткото тврдоглаво ја игнорира иднината, а дедото се потпира на некое одамна заборавено ветување на некој авторитет дека ќе го докаже сопствеништвото на куќата во овоштарникот… Филмот ќе биде прикажан и утревечер во 19 часот, а е наменет за публика над 14 години.  ]]>

Сподели