„Годишни времиња“ на Јулијана Величковска – книга за март во Градската библиотека

„Годишни времиња“ од Јулијана Величковска е книга за месец март на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Изданието на „ПНВ Публикации“ е првиот роман на Величковска, објавен во 2014 година, а досега доживеа четири изданија и е преведен на бугарски јазик. Книгата е дел од големата кампања #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори во чии рамки се и веќе препознатливите активности Разговор со авторот и Клубот на читатели.

„Годишни времиња“ не е многу голема по обем, но е многу длабока, многу жива, многу топла книга што нѐ носи низ тој циклус на годишните времиња и претставува едно интензивно патување и низ внатрешниот свет и спомените. Со оваа книга, авторката влегува во едно елитно друштво на писатели, но и уметници воопшто, кои се занимаваат со опишувањето на годишните времиња. Ова е дело кое ќе се препрочитува – вели Владимир Мартиновски.

-Негде помеѓу љубовта и смртта, помеѓу присуството и отсуството мешајќи, на моменти непрепознатливи, чудни некои синоними помеѓу себе. Текстот на Величковска е како доаѓање на некој одамна заминат пријател, кој се враќа да потсети со доза носталгија на она што било, без кое она што е, не би можело да биде – Мерсиха Исмајлоска.

„Годишни времиња“ од Јулијана Величковска е достапна во сите библиотеки што работат под „Браќа Миладиновци“.

Сподели