Комедијата „Власт“ на штипскиот театар – колку е важно да се има актерска екипа што дише во еден здив

На сцената доминираат Ефтим Трајчов Ѓаурски и Милорад Ангелов, играјќи ликови кој од кој постраден за сласта на власта, едниот зашто внук му станал министер, другиот зашто тоа е негов зет за ќерка му. 

Колку политиката и власта можат да ги завладеат животите на луѓето, да ги претворат во луѓе кои никогаш не можеле да се замислат, да допрат до најинтимни мисли и фантазии… Какви сме кога некој наш близок стигнал до одредена општествена позиција? Колку може власта и моќта да го расипе животот што нормално течел… Ова се дел од прашањата што комедијата „Власт“ по Бранислав Нушиќ, поставена во Штипскиот театар (14 јуни 2022, премиера).

На делото кое е напишано пред 80 години, актуелност не му недостига ниту грам. Ова е всушност последната драма на Нушиќ која и не била целосно завршрена. Токму затоа и била предизвик за режисерот Ѓорѓи Ризески. Се чини дека во Македонија сме опкружени со такво однесување и таквите улоги ги имаме во соседството. Речиси нема лик од одличниот избор на режисерот Ризески од ансамблот на Народниот театар од Штип (и по некој гостин), што нема да го препознаете.

Во претставата игра одлична актерска екипа, посебно компактна и уиграна на сцена. На сите им е јасно што прават и како треба да допрат до публиката. На сцената доминираат Ефтим Трајчов Ѓаурски и Милорад Ангелов, кој до кој постраден за сласта на власта, едниот зашто внук му станал министер, другиот зашто тоа е негов зет за ќерка му. Актерот од Кумановскиот театар Марко Трајковиќ и дава посебен шмек на претставата толкувајќи два различни лика. Штипскиот театар на сцена прикажа многу компактна актерска екипа што дише во еден здив. Тоа е нешто што е првично важно за една претстава – да знаат сите актери на сцената зошто се таму, за што голема улога има режисерот Ѓорѓи Ризески. Никола Милошевски, Елена Шорова Дербов, Стефанија Митовска, Ава Хусеини, Морис Роне беа одлични секој во својата улога. Публиката падна во делириум посебно на улогата на маалска дрдорка на Елена Шорова Дербов, можеби и најмногу затоа што таа беше како извадена од нашето соседство.

За костимите се погрижи Кети Пауновска Стевковска; за сценографијата која беше функционална и едноставна за да прикаже неколку различни локации (на Мартин Манев); сценските движења на Сања Русеска; аниматор е Емил Пачковски; дизајн-фотографија и видео на Емил Пачковски.
Нешто што беше импресивно на изведбата е задоволната публика, која и во најладните денови на зимата дојде да гледа претстава. Тоа е за почит и за поддршка, зашто нема театарски живот ако нема кој да ги гледа претставите што ги работите.

„Власт“ е претстава ко скроена за нашето поднебје. Ако една од задачите на театарот е да има јасен контекст зошто нешто воопшто се поставува на сцена, тогаш „Власт“ дефинитивно на убав начин ја остварува целта.

Сподели