Незаборавна лирска приказна на Мухамед Ибрахими и пријателите

Честа да се биде меѓу публиката беше голема во малата сала на Филхармонијата синоќа на концертот на Мухамед Ибрахими и неговите пријатели. Се случи топла прегратка на прекрасните звуци на гитарата на Ибрахими, споени со ведриот Ратко Даутовски и неговите удирачки инструменти, бас гитарата на Џоле Максимовски, мандолината на Никола Стојмановиќ, виолончелото на Фјола Исмаили. Немаме прилика Ибрахими да го слушаме многу често, иако верувам дека потајно секој во полната сала посакува да не биде така. Различните стилови и нивната комбинација создадоа магична вечер.

Беа изведени незаборавни соло делови, прекрасни заеднички аранжмани на композиции од двата албума Fly во 2014 и Devotion во 2019 година, а слушнавме и неколку нови. Публиката уживаше во секоја нота.
Музичарите треба да имаат посебна енергија, посебна аура што ја пренесуваат на публиката. А кога таа останува без зборови, тоа значи дека синергијата е направена. Тоа е случајот и со скромниот Ибрахими.

Концертот го организира „Баги Комуникации“.

Сподели