Европска куќа ќе биде отворена во Битола, во просториите на Офицерскиот дом. Меморандум за разбирање вчера потпишаа евроамбасадорот Дејвид Гир и градоначалникот Тони Коњановски, во присуство на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Таа ја поздрави одлуката за отворање Европска куќа во Битола и потсети за акцијата за спасување и ревитализација на објектот откако во 2016 година бил ставен на продажба.
– На Офицерскиот дом му се вратени убавиот лик и достоинството. Лани го прогласивме за културно наследство од особено, големо значење, со што објектот ужива највисок режим на заштита, каков што и му прилега – рече Костадиновска-Стојчевска.
Евроамбасадорот Гир рече дека просторот во иднина ќе биде место каде што младите луѓе ќе можат да се среќаваат.
– На Европската куќа младите и локалното население во иднина треба да гледаат како на прозорец кој ќе ги води на патот кон Европската Унија. Прозорец низ кој луѓето можат да го видат огромното богатство и културно наследство кое вие, како град и како земја, можете да ѝ го понудите на Европа – рече Гир.
Коњановски рече дека отворањето на Европската куќа, всушност, ќе биде продолжение на долгогодишната соработка и партнерство меѓу Делегацијата на Европската Унија и Општина Битола. Со тоа Битола станува дел од мрежата на Европски куќи, по оние во Скопје, Крива Паланка и во Струмица.





