За супертрагичната состојба на македонското културно наследство

„Од утре нема да биде професионално, туку суперпрофесионално“! Суперкомична изјава на првиот човек на Управата за заштита на културно наследство за севкупната супертрагична состојба на културното наследство во Македонија во третата декада на 21 век. Заедно со суперсмешните обиди на албанскиот блок од еден збор во цел необработен епигарфски натпис на латински јазик, водата од воденицата да ја вртат кон илириските корени.

Додека зборот „дарданус“ врежан како дел од подолг епиграфски текст на надгробен споменик пронајден на источната некропола на Скупи ја крена на нозе јавноста, државата со багери го копа неолитскиот локалитет Влахо во Пелагонија, во Скопската чаршија под „Св. Спас“ има огромна јама каде ќе се гради нов објект, црквата во манастирот во Матејче цела година е без оловната заштита на покривот. Истата црква од 14 век која директорот на Управата, Аријан Асланај ја посети пред една година, само неколку дена откако беше назначен на оваа позиција.

На источната некропола на Скупи на различни парцели веќе подолго време се вршат заштитни археолошки ископувања што ги финансира инвеститорот кој има дозвола за изградба на објект. Според пропозициите, откако теренот ќе биде сосема истражен, документиран и археолошки стерилен, сите предмети кои имаат вредност како културно наследство треба да бидат соодветно третирани и удомени во музеите. Тогаш на локацијата може да се гради. Ист беше случајот пред дваесетина години кога на Скопско Кале беа спроведени итни археолошки истражувања на некрополата каде потоа никна американската амбасада.

За какви било активности на археолошки локалитет екипата мора да има одобрение токму од Управата за заштита на културното наследство. Ако на Скупи имало неправилности во методологијата на заштитните ископувања, има институционални механизми да се провери тоа – јавноста не е компетентна. Зошто Асланај не го објасни ова уште во првиот телевизиски настап? Дури и се осмели да каже „штетата е направена, од утре сè ќе биде „суперпрофесионално“, па излезе дека во земјава нема ниту еден образован археолог или човек што ги познава работите.
Друго е прашањето како се урбанизира Скопје, каков треба да биде третманот на Скупи сосе некрополите. И кој дозволи тие да влезат во урбанистичките планови и да прераснат во парцели предвидени за нови објекти?

Паралелно со состојбите на Скупи се случува уште потрагична ситуација. Таа за јавноста не е многу атрактивна зашто локалитетот е од неолит и нема „атрактивни“ надгробни споменици на кои пишува „дарданус“. Научен труд за локалитетот деновиве беше објавен во престижно археолошко списание што го издава Универзитетот „Кембриџ“ во Англија. Тоа значи дека светската наука ги верифицира сознанијата на археолозите дека Влахо од 6.400 година пред новата ера е еден од најраните неолитски локалитети во Европа, а потврдено е најстарата неолитска населба во Македонија. Постара и од Тумба Маџари каде е пронајдена култната Голема Мајка. Дел од локалитетот е уништен од багерите каде РЕК „Битола“ одлучила да почне експлоатација на рудникот „Живојно“ каде ќе копа јаглен во време на енергетска криза.

Да не зборуваме за Старата скопска чаршија која е археолошки неистражена, а со години се градат нови објекти. Единствените заштитни ископувања во последните години беа спроведени при санацијата на Чифте амам. Кога ова ќе стане атрактивна тема за медиумите, особено за институциите? А Охрид, урбанистичкиот хаос и непочитувањата на начелата на УНЕСКО?

Ова се само дел од многуте состојби што секојдневно се случуваат со нашето културно наследство. Тоа неодамна го потврди и извештајот на Државниот завод за ревизија. Институции во апатија, недостаток од кадар, несоодветен кадар. Јавна тајна се децениските партиски вработувања, а балансерот за примање кадри според Рамковниот договор дополнително ги извулгаризира состојбите, па Македонци се пишуваат како Албанци, Срби како Роми за да се вработат во музеј или конзерваторски центар. Раководните позиции во институциите не се делат според способност, туку според пазарот на коалициските партнери на власт. И сето тоа стана поважно од компетентноста на менаџерите, од стручноста на археолозите, на конзерваторите и сите професии кои се дел од заштитата, чувањето и промоцијата на културното наследство.

И како после да му фатите кусур на наставникот по музика кога ќе вети дека од утре сè во археологијата ќе биде суперпрофесионално?! Ќе си свиркате и ќе си речете СУПЕР! Always Look On The Bright Side Of Life! И дечките од „Монти Пајтон“ да ни позавидат!