Merry-go-round е насловот на изложбата од Олег Кулик, ден од најконтроверзните уметници од Источниот блок, која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје. Неговите акции и перформанси сѐ уште предизвикуваат непријатност, отпор, па дури и шок, а дефинитивно ги поставувале и сѐ уште ги поставуваат дискурсите за дозволивото и општествено прифатливото во уметноста, велат од Националната галерија на Македонија, која во соработка со Кулик и Музејот на современата уметност на Војводина, Нови Сад, ја донесоа исложбата во Скопје.
Ќе бидат претставени неговите антологиски акции од 90-тите години на минатиот век и познатите амблематски изведби од сериите „Бесно куче“, „Јас ја касам Америка, Америка ме каса мене“, „Ја сакам Европа, а таа не ми ја возвраќа љубовта“, фотоколажи од 2000-та, како и нов перформанс и скулптура изведени во соработка со Музејот на современа уметност на Војводина.
Кулик вели дека ова е ретроспективна изложба на неговите перформанси, но од гледна точка на неговиот нов период – периодот на скулптури.
– Всушност, ова е враќање кон моето потекло, откако започнав како вајар во раните 80-ти години. Така, јас гледам на моите перформанси како скулптор и гледам нови аспекти на телото. Сега ме интересира телото како скулптура. Порано имав интерес кон телото во одредена ситуација – вели Кулик.

Изложбата ќе биде поставена до 15 јули, а одговорна за проектот е Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија. За времетраењето на изложбата ќе се организира и онлајн разговор со Олег Кулик, а во почетокот на јули во Скопје ќе гостува и Сања Којиќ-Младенов, куратор на проектот во МСУ на Војводина. Таа ќе одржи предавање за соработката со Кулик и за неговите позначајни проекти.
Олег Кулик е роден во 1961 година, во Киев, и важи за еден од основачите на акционизмот во постсоветска Русија. Преку својата работа ги истражува односите меѓу политиката и моќта, емоционалните и физичките аспекти на односот меѓу луѓето и животните, нормалноста и отстапувањето, кичот и уметноста. Дипломирал на Кралската уметничка школа во 1979 година. Ја започнал својата кариера како кустос во галеријата „Риџина“ во Москва, каде што неговите неконвенционални изложби и пристапи веднаш го привлекле вниманието на јавноста. Од 2000-та се занимавал главно со техники како што се фотоколаж, скулпторски инсталации, сликарство и перформанси.
Фото: НГМ





