Принцот на севдахот го остави Скопје без здив. Го остави во мислата колку нестварен уметник проследивме, слушнавме, видовме. Не попусто наречен дека е човек со ангелски глас, во тоа се увери полното гледалиште во Филхармонијата. На оваа средба во живо со македонската публика Божо Вреќо беше гостин на нашиот филхармониски оркестар, а во синергија со пијанистот Васил Хаџиманов, предводени од диригентката Дијана Имери Илкоска. Се вели по бисот се познаваат музичарите. Публиката, хипнотизирана, не сакаше да ја напушти салата и по долгиот аплауз и по песната изведена на бис.

На репертоарот на концертот именуван „Севда“, беа дузина песни од балканската традиција, пред сè, босанската и македонската, но и турската, ромската, албанската. За прекрасните аранжмани се погрижи динамичната маестра Дијана Имери Илкоска, чија радост за реализација на проектот воопшто, беше нескриена.
Свој шмек на концертот му даде и актерката од Турскиот театар, Несрин Таир која одлично интерпретираше стихови од турската народна песна „Севда“. За изведбата на соло виолината на турската и ромската композиција се погрижи Владимир Крстев.

Босанскиот музичар едноставно нè однесе во друга димензија. Со посебен пиетет ги исполни и македонските песни, вклучувајќи ја и барајќи поддршка и од публиката, која му возврати со љубов. Имаа посебна енергија заедно со Васил Хаџиманов, кој во каква и да е комбинација, секогаш е миленик на македонската публика. Меѓу другото, тој ја изведе „Од љубов не се бега“, композиција на неговиот татко Зафир Хаџиманов.
Божо Вреќо на сцената е уметник кој својот перформанс на сцена го заокружува не само со исклучителниот глас, но и со кореографија, изглед и стајлинг.

Свирајте ми тихо, тише, Севда, Жуте дуње, Кажи, кажи либе Стано, Од љубов не се бега, Да зна зора, Што те нема, Ајде дали знаеш, паметиш Милице, Ки ли ноќас милује ти косу, Сношти сакав да ти дојдам… долго ќе одзвонуваат во меморијата на публиката, а Божо Вреќо со сигурност ќе биде добредојден уметник во Македонија повторно и повторно. Тој пред точно три години настапи повторно заедно со Хаџиманов, но и Оливер Јосифовски и други музичари, настапи во Македонската опера и балет. Во 2017 година настапи на фестивалот ,,Музика на светот” во Битола. Голем аплауз и за овој концерт на Филхармонијата!
Фотографии: Маја Аргакијева












