Реакција: Скандалозно е да не се поддржат годишните награди на ДПМ

Неприфатливо, скандалозно и спротивно на националниот интерес е во Годишната програма да не се издвојат средства за годишните награди на Друштвото на писателите на Македонија – „Димитар Митрев“, „Ацо Шопов“, „Стале Попов“ и „Ванчо Николески“, стои во реакцијата на писателската реакција.  Претседателството на ДПМ вчера одржа вонреден состанок во врска со резултатите.

– ДПМ се залага за почитување на приоритетите во културата, а книжевните награди кои ги носат имињата на нашите писатели – стожерници несомнено се еден од тие врвни приоритети во доменот на книжевноста и културата. Тие се наши великани, основоположници и меѓници, чии што имиња и дела се вградени во темелите на идентитетот, јазикот и македонската литература. Неприфатливо е и одбивањето да се финансира манифестацијата „Празник на липите“, која го промовира дијалогот меѓу македонската и светската поезија – велат во реакцијата.

Тие му предлагаат на Министерството за култура, во интерес на транспарентноста и одговорноста при распределбата на буџетските средства, преку веб-страницата на Министерството, на јавноста да ѝ биде достапен списокот на сите предложени книги за публикување, а не само имињата и насловите на избраните проекти.

– Иако со отсуството на поддршка во Годинешната програма, дејноста на ДПМ во 2023 година е доведена во прашање, нема да дозволиме најстарата, најрепрезентативната и најмасовната писателска асоцијација, која постои и опстојува веќе цели 76 години, да не го продолжи својот нагорен пат, кој е во неразделна врска со националните интереси – категорични се во ДПМ.

Сподели