Дајте ни еднаква шанса на сите! – порачуваат невработените театарџии од иницијативата „Аудиција сега!“

Буџетот доделен на чинителите на независната сцена и годинава е значително помал од тој на националните установи – реагира иницијативата „Аудиција сега!, по објавените резултати на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес на Министерството за култура. Тие со неколку аргументи го изразија своето незадоволство во јавноста, тргнувајќи од буџетот што е за 15 отсто помал од лани. Главната забелешка им е што не е исполнето во целост барањето што го имаа доставено како иницијатива до Министерството, по еден невработен режисер годишно да биде ангажиран од страна на театрите и центрите за култура.

– На дел од нашите невработени режисери не им беше овозможено да аплицираат во рамки на програмите на институциите, во јуни минатата година, затоа што истите програми биле „веќе изготвени“. Останува да видиме дали ќе се ангажира по минимум еден/една невработен/а актер/ка (по пат на отворен кастинг) за секоја театарска претстава која е одобрена во рамки на годишната програма на институциите. Го цениме јавниот повик за аудиција објавен од Драмски театар – Скопје, искрено се надеваме дека ова ќе ги натера и другите театри да отворат јавни повици за аудиции, иако, не можеме а да не се сомневаме дека истите ќе бидат успешно отворени, со оглед на тоа што знаеме дека минимум 70 отсто од театрите немаат предвидено ваков хонорарен ангажман во рамките на буџетите кои ги поднеле како дел од програмите – велат од „Аудиција сега!“

Тие исто така остро реагираат дека не е во ред ставот на Министерството до националните институции според кој нови вработувања може да се случат само по основ на испразнети работни места во 2023 година (пензионирање, отказ, смрт и друго).

– Ние сме зачудени и изиграни, поради оваа остра одлука. Нам не ни е јасно, кој беше планот за реализација на нашите барања кои беа одобрени. Како беше возможно да се оформат три нови институции во културата, а сега исклучиво да мора да чекаме некој да се пензионира или да почине за да добиеме можност за вработување? Кога сме веќе тука, што се случува со пензионирањата на дел од нашите колеги во текот на изминатите неколку години? Два месеци пред истекот на 2022 година бараме средба со министерката, ветено ни е дека истата ќе се случи веднаш по објавување на резултатите од конкурсите. Бараме итно и системско решение на проблемот со невработените театарџии. Сменете го функционирањето на институциите какви што ги знаеме и дајте ни еднаква шанса на сите! – порачуваат невработените театарџии.

Сподели