Јулија Гајдаџиева, директорка на МИГ: Незадоволството на една изманипулирана паралелка не е став на сите ученици

Талентираните ученици од трета година во МИГ веќе трет ден ја бојкотираат наставата незадоволни од изборот на професори кои ќе им предаваат ова полугодие

Математичко-информатичката гимназија е отворена за сорабока со секој кој е компетентен и сака да ни пружи помош, вели директорката на МИГ, Јулија Гајдаџиева во интервјуто за Умно.мк. Талентираните ученици од трета година во МИГ веќе трет ден ја бојкотираат наставата незадоволни од изборот на професори кои ќе им предаваат ова полугодие. Вчера Советот на родители и раководството на гимназијата одржаа состанок.

Дали успеавте да најдете некое заедничко решение со родителите вчера?

– Родителите беа на состанокот и се согласија нивните деца да не се користат за лични цели на поединци.

Сметате ли дека е во ред учениците да се незадоволни од кадарот во МИГ? Сепак, тоа се напредни деца, најдобрите во областите што ги изучуваат во моментов.

– Фактот што учениците од една паралелка не беа на настава и што се изманипулирани, не е одраз на незадоволство на сите ученици од Математичко-информатичка гимназија.

Дали сметате дека учениците неосновано реагираат?

– Со оглед на тоа што од постоењето на гимназијата е променет само еден професор по стручните предмети и тоа на последниот оглеас, сметам дека учениците од еден клас се поттикнати од професори што се јавија на конкурсот и приложената документација беше разгледувана и оценувана согласно условите на огласот за избор на истакнати стручни лица. А токму со ангажирањето на професорите по стручните предмети во изминатите неколку дена беа пласирани многу невистини. Надлежните институции имаат увид во сите постапки досега.

Зошто не ја продолжувате соработката со професорите кои веќе добро работат во гимназијата и од кои учениците се задоволни?

– Реализацијата на наставата по предметите значајни за Математичко-информатичка гимназија и изборните предмети во трета година се врши со ангажирање на истакнати стручни лица кои се пријавуваат на оглас. На овој оглас имаше повеќе кандидати и можеше да се направи избор.

Кој одлучува за изборот на кадарот?

– Со Правилникот за посебните критериуми на истакнатите стручни лица кои ја остваруваат воспитно образовната работа во Математичко-информатичката гимназија (број 13-3923/1 од 13.03.2020 година), донесен од Министерот за образование и наука, во член 4 се предвидува „Математичко-информатичка гимназија објавува оглас и врши селекција на истакнати стручни лица кои ги исполнуваат општите и посебните критериуми и услови“.

Сметате ли дека ви е потребна поголема соработка со Институтите по математика и ФИНКИ при изборот на кадарот. Сепак во Законот е наведено дека повисоко рангирани професори треба да имаат предност?

– Училиштето е отворено за сорабока за секој кој е компетентен и сака да ни пружи помош, остануваме отворени за соработка, особено што училиштето е основано за образование на кадри за кои државата има посебен интерес. А интересот на државата е интерес на секој граѓанин на Републиката.

На последниот конкурс е одбиен проф. д-р Миле Јованов, кој веќе добро работеше со учениците и е еден од инцијаторите за основање на оваа гимназија. Зошто е одбиен?

– Д-р Миле Јованов , оваа учебна 2022/23 не беше ангажиран во училиштето, односно на огласот во месец септември не се пријави на оглас. Пријавата на д-р Миле Јованов по огласот распишан на 31.01.2023 година, беше разгледувана и ценета во согласност со условите на огласот за избор на истакнати стручни лица.

Сподели