Во пресрет на Денот на вљубените, од 11 до 14 февруари, Скопје Сити Мол организира голем Љубовен базар на уникатни современи уметнички творби, кои рачно ги имаат изработено мајстори – креативци. Повеќе од 20-ина индивидуалци и 19 брендови ќе ги претстават своите најнови и оригинални производи.
Секој рачно создаден производ е бесценета приказна, во која е компримиран креативниот труд на овие уметници, посебно љубовта, која се рефлектира во секој детаљ од нивната работа.
Како што велат и самите креативци, кои имаат изградено свој препознатлив уникатен стил: „Раскажуваме шарени визуелни приказни, со убав почеток и крај, приказни, кои долго ќе се паметат и со радост ќе се раскажуваат“.
Oвие четири денови, на приземјето од Сити Мол, каде ќе биде поставен базарот, посетителите ќе можат да подарат за своите љубени автентични креации од: Monkdolls – љубовни спомени во рамка; Шарено ќоше – рачно насликана керамика и уникатни дизајни со персонализирани подароци; Кожарска работилница Хорват – рачна изработка на производи од природна кожа, Атеље Марта Пејоска – сребрена езерска приказна прелеана во филигран; Преплет – дизајн студио препознатливо по уникатни фрази испишани на кирилица; IGNIS.Creative – деликатни восочни фигури; Ленка – рачни везови на иновативен начин; NOMAD Studio – еколошки производи со современ дизајн; M&M Luxury soap bouquet – ароматизирани сапуни дизајнирани во форма на цвеќиња и чоколадни бомбони; Marcy’s handmade – шарени приказни во форма на накит за сонувачи и храбри луѓе; Индиго тату студио – со тетовирањето нештата ги претвораат во вечност за да не бидат заборавени; Wanderlust – смели керамички дизајни; Елена Ристовска – накит кој е синтеза на знаење и творечка вештина; Woodyz – дрвени пеперушки и целосна палета на модни додатоци за мажи и жени; креативно студио Алегра – уникатен спој од графички дизајн и рачна изработка, MORPHO – филигрантска умешност испреплетенa во современ накит; Атеље Сиена – испреплетени креативни приказни на мајка и ќерка, преточени во накит, Блумен и Арт 2005 – цвеќара која аранжманите со цвеќе ги претвора во уметност и Vincinni – Слатко љубовно задоволство.
Деликатно направениот избор на уметници ќе го доразубави просторот во Скопје Сити Мол, кој ги поддржува занаетчиите, кои рачно изработуваат автентични креации.





