Разговор со Александар Русјаков, авторот на „Хотел меѓу две војни“ во библиотеката „Браќа Миладиновци“

Авторот на романот „Хотел меѓу две војни“, Александар Русјаков, ќе биде гостин на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, вечерва во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“. Разговорот со Русјаков ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

„Хотел меѓу две војни“, издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина“ е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век), судбините на Мустафа и Елени се претставени преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.
„Хотел меѓу две војни“ е добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2021 година и на Рациновото признание во 2022 година.

Александар Русјаков е роден во 1970 година во Велес. Пишува поезија, раскази, драми, а „Хотел меѓу две војни“ е негов петти роман. Автор е на сценарија за повеќе кратки ТВ-филмови и серии, за долгометражни играни и документарни филмови, како и на анимираната ТВ-серија „Еднооки“.

Разговорот е дел од големата кампања на нашата библиотека #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори, а „Хотел меѓу две војни“ ќе биде тема и на Клубот на читатели предвиден за 25 февруари.

Сподели