Денеска се навршуваат 50 години од смртта на еден од основоположниците на современата македонска уметност
Во една од најубавите традиционални куќи во Крушево сместена е Галеријата на Никола Мартиноски, еден од доајените на македонското современо сликарство. Во двокатниот објект со чардак се сместени седумдесетина негови дела, а во неколку соби има и етнолошки поставки каде е претавено како се живеело во Крушево во минатото. Влезот на објектот, лицето на куќата е свртено кон градот и од терасата се гледа целата панорама на градот. На приземјето неколку одаи се пренаменети во канцеларии, а во средишниот дел има специфични, тесни дрвени скали кои водат кон кативите и поставките.

Фото: George. K./Flickr
Традиционалната крушевска куќа има многу простории. Огништата, камините се секогаш на северната страна, бидејќи куќите се свртени кон југ. Собите се малечки и во нив задолжително има мангал за дополнително затоплување на просториите. Во секоја куќа главно централно место е чардакот, каде се случувале и сите традиционални крушевски обичаи. Таваниците се богати, а на јужната страна во северните одаи секога имало вграден плакар. Крушевчани имале можност технички да бидат пред времето и го искористувале просторот. Таваниците во собите најчесто биле обоени со мрсна небесно сина боја, некои варијанти на празова боја или пак биле само лакирани, па тие се кафени.
Куќата каде е сместена Галеријата е изградена во втората половина на 19 век. Таа е една од трите куќи на Јанко Таше, имотен крушевчанец, трговец. Општината ја откупила по личен избор на Никола Мартиноски, бидејќи е една од најголемите куќи кои денес постојат во Крушево. Мартиноски е крушевчанец. Тој е роден на 18 август 1903 година и неговата куќа настрадала во бомбардирањето на Крушево.
Во фоајето на првиот кат таваницата е кафена. Среде просторијата е бронзена биста на Мартиноски, дело на Емил Солески. Во неколку простории на катовите се изложени дела од сите периоди – масла на платно, цртежи, скици, техника на стакло.

Класата на Камил Ресу на Школата за убави уметности во Букурешт во 1927 година
Никола Мартиноски (1903-1973) првите уметнички пораки ги добил од Димитар Андонов-Папрадишки – зограф и зачетник на модернизмот. По академските студии во Букурешт, заминал во Париз, каде престојувал во 1927/28 година. Тоа ќе одигра пресудна улога во неговото уметничко формирање. Решил да се врати во Македонија, за да создаде посебен, „национален стил“ во уметноста. Откако се вратил од Париз, освен новиот стил во облеката – цилиндер и карирани одела, Мартиноски го донел и космополитскиот дух и дел од експресионистичките текови на Париската школа. Негов пример, како константна вредност ќе остане сликарството на Модилјани. За него, во еден период ќе биде важно и сликарството на Сутин.
Мартиноски заедно со неколкуте уметници од првиот ред на основоположничката генерација ги направил првите обиди за да се надмине регионалната затвореност на македонската уметност. Тој бил привлечен од експресионизмот за да создаде сопствена, покласична варијанта наспроти Париската школа и германскиот (нео)експресионизам. Според историчарот на уметност Владимир Величковски, „Мартиноски оставил богат и разновиден опус со кој го одбележал предвоениот период, кој е посебно значаен, а во еден дел и периодот по војната, особено по 1945 година – соц-реализмот до крајот на својот живот, даде личен печат на вкупниот развиток на македонската уметност“.

Никола Мартиноски
Во 1929 година, Мартиноски ја отворил првата самостојна изложба во Скопје. Една година подоцна, со Михајло Шојлев и Никола Михајловиќ го основале „Друштвото на југословенските уметници на Вардарска Бановина“. Истата година со група интелектуалци од Скопје го основале Друштвото на пријателите на уметноста „Ефимија“. Во 1931 година станал член на белградската група „Облик“. Со неа, во наредните години изложувал во повеќе градови во Кралството Југославија и во странство. Четири години подоцна ја насликал серијата ѕидни декорации со еротска содржина во локалот „Океан“ во Скопје, за што бил осудуван и од јавноста и од тогашната власт.

На крајот на триесетите години работел како сценограф во Скопскиот театар. Кон крајот на 1944 година со неколку колеги го основал Художественото училиште, денеска Училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“. Две години подоцна е основано Друштвото на ликовните уметници на Македонија, а Мартиноски е неговиот прв претседател. Во 1948 година станал директор на Уметничката галерија „Скопје“. На таа функција останал до крајот на својот живот. Во 1967 година е избран за член на новооснованата Академија на науките и уметностите. Починал на 7 февруари, ненадејно, од срцев удар. Имал 69 години.





