Наградуваната сатира „Триаголник на тагата“ на Рубен Остлунд во Кинотеката

Филмот „Триаголник на тагата“ на Рубен Остлунд, за кој режисерот освои „Златна палма“, вечерва и в петок (3 февруари) ќе биде прикажан во 20 часот во Кинотеката во Скопје. Улогите во филмот ги толкуваат: Херис Дикинсон, Чарлби Дин, Вуди Харелсон, Златко Буриќ, Вики Берлин, Доли Де Леон. Филмот навидум е урнебесна комедија, а суштински претставува брутална сатира за богатите луѓе од разни профили – руски олигарси, аристократи со „старо“ богатство, нафатирани трговци со оружје и претставници на „новата класа како што се инфлуенсерите на социјалните мрежи – кои започнуваат со уште едно рутинско задоволство какво што е крстарењето со суперлуксузна јахта.

Социјалната сатира освои и награди на Европската филмска академија: најдобар филм, најдобра режија и најдобро сценарио (исто Остлунд), а наградата за најдобра главна машка улога ја доби Златко Буриќ (хрватски актер со европска кариера). Филмот освои и номинации за „Оскар“ за најдобар филм, режија и оригинално сценарио.

На 2 февруари ќе биде прикажан филмот „Кајмак“ од 18 часот, а од 20 ќе следува францускиот „Меч со две острици“ со Жилиет Бинош и Венсан Лендон во главните улоги, во режија на Клер Денис (Claire Denis), со Жилиет Бинош, Венсан Лендон, Грегоар Колан, Бил Ожие. Екранизацијата на романот на Кристин Анго, насловен „Пресвртна точка во животот“ ја раскажува мелодрамската приказна за љубовниот триаголник составен од една жена и двајца мажи. Едниот е нејзиниот долгогодишен партнер, вториот е неговиот најдобар пријател, а нејзин поранешен љубовник. Денис ја освои „Сребрената мечка“ на Берлинале 2022 година за најдобра режија, потврдувајќи го нејзиното авторско реноме во француската и европската кинематографија.

Сподели