Инспекторат да работи на терен за да се подигне свеста за правилната употреба на македонскиот јазик

Со конструктивна дебата сите заедно се приближуваме до идниот Закон за употребата на македонскиот јазик кој ќе придонесе кон подигањето на јазичната култура, негувањето и заштитата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, закон кој ќе дава придонес во почитувањето и унапредувањето на јазичниот стандард, како и кон афирмирање на македонскиот јазик во светот, истакна министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на вчерашната јавна дебата за предлог-законот за употребата на македонскиот јазик која се одржа во НУБ „Св. Климент Охридски“- Скопје.

На дебатата на која учествуваа членови на Советот за македонски јазик, истакнати професори и лингвисти, како и новинари, беше истакнато задоволството што голем дел од забелешките на првичната верзија на Предлог-законот, која во 2020 година беше повлечена на доработка, се прифатени и беше поздравена новината предвидена во Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, со која Министерството за образование и наука, во текот на академската година, ќе објавува конкурс за стипендирање студенти за изучување на македонскиот јазик во сите три циклуси на високото образование.

Беше поддржана и новината утврдена со овој предлог за задолжително вработување на лектори во законодавната, судската и извршната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, во јавните установи и во медиумите. Воедно, со утврдување на задолжително лекторирање на сите службени текстови ќе се унапреди употребата на македонскиот стандарден јазик. Дел од присутните на дебатата побараа глобите за непримена на македонскиот јазик да бидат повисоки, односно да има поголема одговорностна правните и на физичките лица преку заострена соодветна прекршочна политика.

Елка Јачева-Улчар

Со националната стратегија за македонскиот јазик, која ќе се однесува на период од четири години, ќе се предвидат мноштво мерки и активности преку кои ќе се потврдува и контиунираната грижа за македонскиот јазик. Координатор на изработката на националната стратегија ќе биде Советот за македонски јазик, со вклучување на експерти од високообразовните институции, изјави министерката.

На јавната дебата се расправаше, како што беше нагласено, и за предеталното уредување на содржината на националната стратегија. Една од главните забелешки се однесува и на потребата од допрецизирање на надлежностите на инспекторатот за македонски јазик и се даде предлог, овој орган наместо да биде во состав на Министерството за култура, по примерот на Законот за употреба на јазиците, да биде во рамките на Министерството за правда.

Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик е јавно достапен на Електронскиот национален регистар на прописи на Република Северна Македонија. Министерството за култура упатува, сите дополнителни забелешки за Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик да се достават на следните електронски пошти: info@kultura.gov.mk, minister@kultura.gov.mk.

„Јазикот е нашиот темел, израз на нашиот идентитет. Затоа, секој стручен влог во донесување на правната рамка за негова употреба, чување на неговите посебности е драгоцен придонес за нас самите и за нашата државност“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека Законот за употребата на македонскиот јазик има квалитативно дополнување со моделот на заштита на јазикот, предвиден во Законот за заштита на културното наследство.

Нашата земја во функција на зголемување и подобрување на мерките за заштита на јазикот, како дел од нематеријалното (духовното) културно наследство, е потписничка и на Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство, донесена од УНЕСКО, во Париз.

Во оваа насока, рече Костадиновска-Стојчевска, е и одлуката за прогласување за духовно културно наследство од особено значење од областа на јазикот на картотеките во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кои се регистрирани како културно наследство „екс леге“ (ex lege), а кои оваа Влада со посебен проект ги дигитализираше и трајно ги заштити.

Проф.д-р. Елизабета Бандиловска, член на Советот за македонски јазик, во своето излагање ги нагласи причините за изработката на Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик.

Бандиловска истакна дека во практиката сè повеќе се забележува непочитувањето на законските мерки и негрижата за македонскиот јазик во различни сегменти и на различни нивоа од општествениот живот.

„Водејќи се од потребата за подигање на јазичната култура, негувањето и заштитата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, како и афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилната употреба на македонскиот јазик во јавната комуникација се предлага донесување нов Закон за употребата на македонскиот јазик со кој ќе се прошират областите во кој задолжително се употребува македонскиот стандарден јазик“, додаде Бандиловска.

Елизабета Бандиловска

Таа информираше за неколку новини во предлог-законот, меѓу кои е и формирање на Инспекторат за македонски јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице, чија цел ќе биде дејствување на терен и подигнување на свеста за важноста од правилната употреба на македонскиот јазик. Ќе се изработува и Национална стратегија за македонскиот јазик, за што ќе биде вклучен Советот за македонски јазик и значајни високообразовни институции.

Министерството за образование и наука, во текот на академската година, ќе објавува конкурс за стипендирање студенти за изучување на македонскиот јазик во сите три циклуси на високото образование.

 

Сподели