Ги охрабрувам колегите воопшто да не се плашат од новитетот, зашто ние како наставници не треба да знаеме шах, во материјалите за работа е сè убаво средено, а нас ни останува да си играме и секако, да ги поврзуваме со секојдневието – вели Анета Мицковска, одделенска наставничка во ОУ „Киро Глигоров“ во Скопје
Шахот навистина може да има многу позитивно влијание на целокупниот образовен систем. Ги охрабрувам колегите, кои размислуваат дали да започнат со работа, воопшто да не се плашат од новитетот, зашто ние како наставници не треба да знаеме шах, во материјалите за работа е сè убаво средено, а нас ни останува да си играме и секако, да ги поврзуваме со секојдневието – вели Анета Мицковска, одделенска наставничка во ОУ „Киро Глигоров“ во скопската населба Центар, едно од училиштата каде што уште во октомври шахот беше воведен како изборен предмет.
Ова е едно од основните училишта каде што се воведе шахот, што како новина јавноста го прифати позитивно. Околу 300 наставници од скоро сите градови од Македонија веќе се обучени од членови на Шаховската федерација на Македонија, а во второто полугодие се очекува и поголема примена во школите.
Оттаму велат дека самото воведување на шахот како предмет во училиштата сè уште оди тешко.
– Тоа е делумно така и затоа што програмата ни беше одобрена кон средината на август, па школската година веќе започна пред да успееме да се организираме и да ги обучиме наставниците. Верувам дека од наредната учебна година интересот ќе биде поголем и ќе има поголем број училишта во кои шахот ќе биде воведен како предмет – вели Александра Гакидова, секретар на Управниот одбор на Шаховската федерација на Македонија.
И таа посочува дека посакува што е можно повеќе училишта како примерот на „Киро Глигоров“ да се повтори. Во најава се и скопските училишта „Ѓорѓија Пулески“ и „Круме Кепески“, каде што има интерес и најава дека ќе започнат од второ полугодие со часовите.
Анета Мицковска
Според новата концепција, во распоредот учениците од прво и второ одделение има два часа неделно за слободна активност и во „Киро Глигоров“ токму тука го сместиле шахот.
– Шаховска федерација има подготвено многу добри, едноставни и разбирливи материјали за работа, а тоа беше главната причина поради која се појави интерес за работа кај нас наставниците. На почеток започнавме со работа во три одделенија, две први и едно второ одделение, но како ги споделувавме со колегите нашите позитивните искуства, така почна интересот се повеќе да се зголемува. Сега веќе сите наставници од одделенска настава имаат сертификат за работа по посетените обуки – ни објасни наставничката од ова училиште.
Таа е одушевена како децата со нетрпение реагираат на часовите по шах. Секако не очекуваме дека сите ќе станат шахисти, а нема ни таква цел.
– Едноставно кажано, ние само ги користиме сите позитивни придобивки од играта, учиме дисциплина, почитување (самите правила на движење на фигурите ги поврзуваме со секојдневниот живот), трпение (не смееме да носиме брзи одлуки)… Родителите беа задоволни од нашиот предлог за изучување на шах, посебно им се допадна што им креиравме сметка на учениците на chess kid, па и дома времето може да го поминуваат во квалитетна игра – вели Мицковска.
Од Федерацијата објаснуваат дека досега најмногу имаат обучено одделенски наставнички, но има и предметни наставници, наставниците по физичко не се во голем број, има неколку пријавени.
– Во минатото имаше еден обид да се воведе шахот во училиштата и тогаш се обучија исклучиво наставници по физичко. но во Федерацијата сметаат дека тука е направена мала грешка, затоа што не секогаш наставникот по физичко е најсоодветно решение и за наставник по шах. Така учејќи од грешките, но и од другите, пред сè, европски земји каде што е имплементиран шахот во училиштата, овој пат се определивме за поинаков концепт и решивме да ги обучиме одделенските наставници и кој било друг предметен наставник – вели Гакидова.
Колку повеќе наставници се обучат, во толку повеќе одделенија ќе може да се воведе.
– Согласно прописите во прво и второ одделение предметот може да го држи само одделенски наставник, затоа е неопходно сите одделенски наставници да бидат обучени. Во четврто и петто одделение веќе може кој било предметен наставник да го држи часот по шах и тука веќе е малку пофлексибилно. На пример, доколку наставникот нема доволен фонд на часови во негов интерес е да предава шах затоа што влегува во бројот на часови – објаснуваат тие.
Обука на наставниците во ОУ „Киро Глигоров“ во Скопје
Една од главните препреки или отпор за наставниците повеќе да се посветат на оваа активност е нивната преопотовареност со постоечките активности, заради што не секогаш сите се во можност да научат некоја нова вештина и да ја применат.
– Имајќи предвид дека целиот концепт е „научете шах низ игра“ на училиштата им доставуваме апликација за учење шах која најдобро се следи на смарт табли. Но како што знаете, не сите училишта се опремени со смарт табли, така што и од опременоста на училиштата зависи успешноста на проектот. Како Федерација имаме планови да се обидеме да обезбедиме фондови преку разни проекти за опремување на училиштата со смарт табли, се надеваме дека ќе успееме барем делумно да ги оствариме овие планови. Исто така, на наставниците кои се пријавиле да го држат часот по шах им обезбедивме таблети на кои ја инсталиравме апликацијата за шах за да можат полесно да ја предаваат материјата. Во соработка со најголемата онлајн-платформа chesskid.com за учење и играње шах на секое дете до 12 години му е овозможен неограничен пристап од т.н златно ниво. Со што децата до 12 години можат неограничено да ги користат сите ресурси на оваа платформа каде што има навистина многу убави видеа за изучување на шахот, имаат можност да решаваат шаховски проблеми прилагодени на нивната возраст и знаење и имаат можност да играат шах преку интернет со деца од целиот свет – вели Гакидова.
Зошто децата од прво и второ одделение? Од Федерацијата објаснуваат дека таа е најдобра возраст за полесно да се запопчне со изучување на шахот. Но тоа не значи дека ќе одбијат некој наставник што би сакал да предава шах во погорните одделенија.
-Предметот може да биде воведен и во 4. и 5. одделение, во учебната 2023/2024 пак трето одделенците ќе имаат можност да имаат шах како изборен предмет. Можноста за вметнување на шахот како изборен предмет зависи од тоа по која наставна програма децата го започнале своето образование – велат од Федерацијата.