МОН навремено да ги исплаќа платите на вработените во јавните универзитети, апелира НАкС

Независниот академски синдикат апелира до Министерството за образование и наука навремено да ги исплаќа платите на вработените на јавните универзитети и да ги преземе сите мерки во своја надлежност за почитување на законските одредби, стои во нивната реакција до јавноста. Бараме во најкус можен рок транспарентно да бидат објаснети причините за ваквите задоцнувања, што влијаат врз квалитетот на работата на високообразовните институции, но и квалитетот на животот на наставниот кадар.

– Во изминатиот временски период стана зачестена пракса платите на вработените на јавните универзитети да се исплатуваат со задоцнување, надвор од законски предвидените 15 дена по изминување на исплатниот период. На овој начин, се загрозува правната сигурност на вработените на јавните универзитети и се прекршуваат одредбите од чл.109 од Законот за работни односи (ЗРО) и чл. 66 од Колективниот договор за високото образование и наука, а работниците, особено оние чиишто плати се на ниво на минималната плата или блиску до неа се доведуват во исклучително незавидна и понижувачка економска положба. Имајќи предвид дека наставниот кадар во високото образование многу често е принуден да ги плаќа од сопствени средства службените патувања за учество на конференции и стручни средби, како и набавката на неопходната стручна литература, со ненавремената исплата на платата сериозно се доведува во прашање и извршувањето на редовните работни обврски кои се предвидени со договорите за вработување – велат од НАкС.

Сите овие доцнења се направени без претходно писмено известување од работодавачот, за евентуалната промена на денот на исплаќање, како што впрочем е наведено во чл.109 ст.4 од ЗРО, во кој стои „Работодавачот е должен претходно писмено да ги извести работниците за денот на исплаќањето и за секоја промена на денот на исплаќањето.“

Сподели