Донација за децата и младите згрижени во СОС Детско село во Скопје обезбеди „Халкбанк“ АД Скопје за новогодишните празници. Сиот приход од продажбата на „Сликовницата на Халки“ во која слончето Халки и неговите авантури се раскажани во илустрираната приказна, се подарени на СОС Детко село како дел од долгорочната соработка помеѓу банката и една од најпосветените организации за поддршка на децата без родителска грижа.
– За „Халкбанк“ важни се сите деца. Затоа постојано правиме напори да обезбедиме еднакви услови за раст, развој и едукација на децата од СОС Детско село. Преку „Сликовницата на Халки“ од една страна обезбедуваме квалитетна литература од домашни автори за нашите нови генерации, а од друга страна ја поддржуваме мисијата на СОС Детско село – вели Маја Наумовска-Савеска од „Халкбанк“.

Главна цел на „Сликовницата на Халки“ е да ги поттикне децата редовно да читаат книги, но и да се научат на вредности како што се заштита на животната средина, дружење во природа, прифаќање на лицата со посебни потреби и стекнување навики за штедење. Во изминатата една и пол година оваа сликовница им беше подарена на неколку илјади ученици низ целата држава. Со цел да биде достапна за што е можно поголем број деца, сликовницата е издадена на македонски, албански и турски јазик. Сликовницата се обработуваше како дел од наставата во голем број основни училишта во државата. Како дел од своите активности за промовирање на читањето, „Халкбанк“ го донираше изданието во повеќе од 20 библиотеки во Македонија.

Сликовницата ја издаде „Халкбанк“ во соработка со Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Минатата година „Сликовницата на Халки“ го доби признанието за поттикнување општествена одговорност кое го доделува Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) во рамки на Саемот на книга во Скопје.
Својата општествена одговорност Халкбанк ја покажа и преку поддршката на ракометниот спектакл „Сите ѕвезди“, кој се одржа на 3 јануари, а средствата од продажбата на билетите беа наменети за СОС Детско село Скопје.
Доколку сакате да помогнете и да ја поддржите работата на СОС Детско село, може да донирате средства со купување на „Сликовницата на Халки“ на линкот.






