Колективниот договор нема да го раскинеме, а Синдикатот ќе биде испочитуван и поддржан, соопшти Министерството за култура цитирајќи ја министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска по гостувањето во емисијата „Топ тема“ на телевизијата „Телма“. Во емисијата гостуваа и претседателката на Синдикатот за култура (СКРМ), Вера Атанасовска и актерот Ивица Димитријевиќ.
– Колективниот договор нема да го раскинеме, затоа што тоа право е добиено по 15 години. За 2023 година направивме план за да ги избуџетираме платите. Не е точна перцепцијата во јавноста дека се прави притисок за да се укине Колективниот договор, ниту пак Синдикатот – рече Костадиновска-Стојчевска.
СКРМ деновиве реагираше на предлог-законот за плати во јавниот сектор. Тие реагираат на повеќе членови во предложениот документ. Според нив, државата ќе има право и да ги намалува платите, а тоа да биде законски, бидејќи таа ги креира коефициентите и вредноста на коефициентите.
Костадиновска-Стојчевска рече дека потребни се измени на актуелниот Закон за култура, зашто не ја отсликува моменталната состојба во културата.
– Но, целта е сите да ја видат работната верзија на новиот предлог-закон, да ги достават конкретните забелешки и да најдеме соодветни решенија – рече Костадиновска-Стојчевска.





