Синдикат на културата: Државата прави пат законски да ги намалува платите

Убиство на синдикатите, на колективното договарање и социјалниот дијалог не само загарантирани со македонскиот Устав, туку и темелните вредности на Европската Унија, реагира Синдикатот на културата по објавениот предлог-закон за плати во јавниот сектор. Тие реагираат на повеќе членови во предложениот документ.

– Државата се поставува како уберкапиталист со максимална моќ над вработените. Со ова е сузбиено уставното право дека сите имаме право на соодветна заработувачка. Државата ќе има право и да ги намалува платите, а тоа да биде законски, бидејќи таа ги креира коефициентите и вредноста на коефициентите. Улогата на синдикатите е минимализирана и сведена на еден претставник од можни пет, кој ќе може да учествува во некаква формирана комисија на платните потсистеми за анализа и класификација на работните места. А претставникот од кој синдикат да биде во таа комисија ќе го одредува Министерството за финансии – реагираат од Синдикатот на културата.

Ова се деловите од предлог-закон со кои Синдикатот не се согласува:

– Според член 20 став 3, Министерството за финансии ќе ги предлага коефициентите, врз основа на стратешки утврдени приоритети за секоја година, а приоритетите ќе ги прави Владата, на предлог на Министерството за финансии. Висината на бодот ќе ја одредува Ссобранието.

– Според член 20 став 4, во услови на криза војна или вонредна состојба, државата ќе може да ви ги намали платите колку сака и како сака и тоа да биде законски.

– Со член 41 се замрзнува растот на платите поврзани со вредноста на минималната плата во државата; според член 26 став 5 државата може да ги прогласи за ништовни некомпатибилните Колективни договори (КД).

Од Синдикатот тврдат дека со ова се трасира патот со закон да се укине КД за култура.
– Вработените во институциите од културата по 30 мизерни и бедни години и конечно по 2 години на релативна стабилност, се навредени од ваквиот деспотски однос, се чуствуваат предадени и изиграни и најавуваат дека ќе ги искористат сите механизми за одбрана на својот КД, своите уставно загарантирани права и вистински ќе застанат зад европските вредности, зад кои оваа држава очигледно само декларативно е заложена – велат од Синдикатот.

Фото: СКРМ (архива)

Сподели