Ќе излажам ако речам дека не сум задоволна што 2022 година ми беше фреквентна на полето на филмот

„Беса“ за мене беше изненадување од повеќе аспекти. На почетокот, затоа што го добив кастингот за улога која се бараше низ регионот, а потоа и од крајниот производ и одѕивот кај публиката – вели актерката Камка Тоциновски

Големи улоги во три играни филма, улога во хит серија во регионот, многу црвени теписи и фестивали, кој актер не би посакал ваква година зад себе. На Камка Тоциновски дефинитивно ѝ појдоа работите од раце и може да се пофали со одлична 2022-та зад себе и најава. Актерката на Македонскиот народен театар играше во „Кајмак“, „Преекспонирано“, „Нема да си сама“, во серијата „Беса“… За сите овие успеси и што следува, разговараме со неа во интервјуто за Умно.мк.

2022-ра Ви беше богата професионално. Ви се случија светски премиери на три филма во кои играте. Беше ли година посебна за паметење?

– Ќе излажам ако речам дека не е така, дотолку повеќе што заостануваме во продукциска смисла, ако погледнеме не подалеку од соседството. Не е само квантитет во прашање, туку и квалитетот како последица. Мојот професор Илија Милчин велеше: „Или ти пее пилето или не“, алудирајќи на талентот, но има вистина и во тоа дека ова е занаетска работа и бара некаков континуитет. Ова се однесува на сите сектори од филмската продукција, не само на актерите. Ако земам сè предвид, задоволна сум што 2022-та за мене беше фреквентна на ова поле. Мојот професор Илија Милчин велеше: „Или ти пее пилето или не“, алудирајќи на талентот, но има вистина и во тоа дека ова е занаетска работа и бара некаков континуитет. Ова се однесува на сите сектори од филмската продукција, не само на

„Кајмак“ на големо се прикажуваше низ Македонија и по подолго време нашата публика можеше да го проследи. Се чини дека кај нас ретко некоја продукција се грижи филм да допре до што е можно повеќе градови и публика.

– Секоја продукција би сакала филмот да допре до што поголем број гледачи, едноставно состојбата кај нас е депресивна кога зборуваме за киносали. Во помалите градови филмовите се прикажуваат во домовите на културата на кои им недостига техничка поддршка за една проекција. Во тој случај, филмот се прикажува со значително намален квалитет. Во 1905 година браќата Јанаки и Милтон Манаки ги прават првите снимки во Македонија и на Балканот. Некаде околу 1930 година има три киносали. Потоа Скопје доживува експанзија на кина, на чиј репертоар има дури и по пет проекции дневно, почнувајќи од Кино утро во 10 часот. Старите скопјани раскажуваат за огромната посетеност. Денес, Скопје, главниот град, кој треба да е културен и образовен центар, по 20 години, поседува само две киносали – затоа што ни се може.

Во „Кајмак“ имате многу интересна улога. Ви беше ли предизвик, беше ли тешко да се долови амбициозната Ева?

– Ева е комплексен лик. Таа е многу работи кои јас не сум. Таа е кариерист, роб на својот имиџ. Кај неа, пред се, предизвик беа емотивните амплитуди. Сакавме публиката да не ја гледа само како дијаболик, туку да ја разбере додека сочувствува со неа. Дали успеавме, тоа е на публиката да каже.

Игравте во многу популарната серија „Беса“, по која и се пробивте во регионот. Какво искуство беше оваа соработка да се биде дел од сериозна продукција и дали можеби Ви отвори и нови врати?

– „Беса“ за мене беше изненадување од повеќе аспекти. На почетокот, затоа што го добив кастингот за улога која се бараше низ регионот, а потоа и од крајниот производ и одѕивот кај публиката. Продукцијата предводена од Теа Королија беше високо професионална и покажа спремност да одговори на амбициозните задачи што ги зададе самото сенарио, напишано од Тони Џордан. Беше огромен предизвикот да се равботи со докажани актери од регионов, но истовремено и крајно возбудливо. Во „Беса“ многу набрзо дојде и играниот филм Mudbrick во режија на Никола Петровиќ, во кој играат Ендрју Хауард и Филип Броди. Потоа, серијата „Посета“ во режија на Жељко Миќуновиќ, во која, за мене, меѓу другите, беше драгоцено да го имам за партнер Љубомир Бандовиќ.

„Преекспонирано“ беше соработка со Елеонора Венинова, режисерка која со своите кратки филмови веќе се етаблира, а дојде денот и за првиот игран филм. Како беше да се работи на овој филм, особено што го снимавте во ковид-услови?

– Една година од појавата на пандемијата, кога се застана, мене ми се случија четири проекти. Серијата Clickbait, што се снимаше во Киев и за жал, не доживеа да се заврпи. „Нема да си сама“ на Горан Столевски, чие снимање беше во Пирот, „Беса“ во Белград и „Преекспонирано“ на Елеонора во Охрид. Во тој период патував често, како завршував со еден проект, така почнував со друг, преспивав на аеродромот во Истанбул, каде се разминував со целиот свет. До снимањето на „Преекспонирано“, кој се снимаше на само една локацоја во куќа покрај езеро, јас веќе имав расчистено со стравот од ковид. Самата локација наметна интимна и смирена атмосфера.

На Светската премиера во Египет, филмот за жал имаше непријатност и не беше прикажан пред поширока публика. Како го доживеавте овој гест?

– Нас таа информација не пречека кога веќе се вративме од Каиро. Салата беше полна, не знаевме воопшто за таквата одлука. Бевме изненадени затоа што во филмот и нема експлицитни сцени, но имаме разбирање за различните култури и правилата кои истите ги наметнуваат.

Имавте многу важна улога и во „Нема да си сама“, дебитантскиот игран филм на Горан Столевски, кој ја одушеви светската критика, но и публиката и кај нас. Ви беше ли предизвик да нурнете во митологијата, да се пренесете во едно друго време?

– За нас е секогаш повозвудливо да поживееме во една друга епоха, да облечеме костим за кој не би имале друга прилика. Јас ги сакам сите тие жанрови на фантастика, мистерија, хорор, дистописка или апокалиптична фикција и ми е особено драго што едно вакво одлично сценарио дојде од наш автор. За мене можеби најтешко беше да се совлада миксот на дијалекти, во овој случај, тетовскиот и струшкиот. Не да се научи, туку да се глуми, затоа што е потребна енормна концентрација. Ако премногу внимавате на јазикот, лесно може да изгубите од актерската игра и обратно. Филмот, за жал, не доби поддршка од Македонија, а е на листата на 50 најдобри филмови во Британија за 2022 година, според „Гардијан“.

„Бесачи“ Ви беше последната премиера на матичната сцена во МНТ. Ви недостига ли поголем ангажман во театарот и почести средби со публиката?

– Се разбира дека недостига. За среќа, компензирав со работа на филм, но, за нас театарот и филмот се две различни доживувања. По три години пауза, „Бесачи“ се враќа на репертоар и ќе се игра од февруари.

Што В очекува во наредната година, од аспект на проекти на кои ќе работите?

– На матичната сцена да се вратат претставите кои долго не се играа и нема да биде воопшто лесно, а што се однесува до филмот, ме очекува ангажман надвор од границите на Македонија. Нема да откривам однапред, сè додека не се почне официјално.

Сподели