„Од рајот“ на Драгојевиќ, во кој Македонија е копродуцент, се прикажува во Кинотеката

Новиот филм на српскиот режисер Срѓан Драгојевиќ „Од рајот“ ќе биде прикажан од вечерва со почеток во 17 часот во Кинотеката во Скопје. Филмот е копродукција на Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Македонија, а сценариото е на Драгојевиќ и на Марсел Аиме. Улогите ги толкуваат: Горан Навојец, Ксенија Маринковиќ, Бојан Навојец, Наташа Марковиќ.

После половина век комунизам и атеизам, во ексјугословенското општество се враќа христијанството. Оваа филмска алегорија со елементи на црна комедија е инспирирана од трите приказни на францускиот писател Марсел Аиме. Приказните за влијанието на чудата врз посткомунистичкото општество во транзицискиот период се одвиваат во 1993, 2001 и 2026 година.

Појавата на чуда е одговор на колективната свест на промените, кои ја присилуваат целата заедница светот околу себе, превртен наопаку да го гледа воново светло и чудесна перспектива. Овој филм поставува некои од суштинските прашања на современиот свет – Веруваме ли во Христа или се поклонуваме на Златното теле – идолот кој ги опредметува парите, конзумеризмот и алчноста? Како да го разликуваме Божјиот дар од Искушението на ѓаволот? Кога е Божјата милост всушност клетва? „Од рајот“ е филм што поставува бројни прашања, но не нуди едноставни одговори.

Филмот на Драгојевиќ премиерно беше прикажан на Интернационалниот филмски фестивал во Локарно, по што учествуваше на повеќе европски и балкански фестивали: Котбус, СинИст, Балкан Панорама, Острава Камера Око, Валенсија итн. Македонски копродуцент е „Сектор филм“.

Во август беше дел од официјалната програма на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Директор на фотографијата е Душан Јоксимовиќ, редовен соработник на Срѓан Драгојевиќ, со кого ја снимиле комплетната филмографија на режисерот: Ние не сме ангели (1992), Убавите села убаво горат (1996), Рани (1998), Ние не сме ангели 2 (2005), Свети Ѓорѓи го убива змејот (2009), Парада (2011), Атомски од десно (2014).

Филмот е наменет за публика од 14 години нагоре, а влезницата изнесува 100 денари.

Сподели