Издавачот „Алдебаран“ му подари книги на Брајово писмо на училиштето „Димитар Влахов“ од Скопје

Во чест на одбележувањето на 4 Jануари – Светскиот ден на Брајовото писмо, Издавачкиот центар „Алдебаран“ од Струга, заедно со печатницата „Тифлографика“ ќе му подари примероци од изданијата на Брајово писмо објавени лани, на Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ од Скопје.

„Алдебаран“ објави седум нови книги на Брајово писмо и тоа лектирни изданија за основните и средните училишта, во настојувањето да ја поддржи и помогне употребата на Брајовото писмо и да ги направи достапни класичните дела од светската и македонската книжевност до учениците кои се користат со истото. Во нови преводи од англиски на македонски јазик беа објавени „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Карол во превод на Елена Кавракова Коруноска, „Повикот на дивината“ од Џек Лондон во превод на Горјан Костовски и „Петар Пан“ од Џејмс Метју Бари во превод на Ана Топенчарова Коваческа, како и класичните дела од македонската книжевност за деца „Волшебното самарче“ од Ванчо Николески, „Големи и мали“ од Бошко Смаќоски, „Големата вода“ од Живко Чинго и „Силјан Штркот – Басни“ од Марко Цепенков.

– Поддршката од Министерството за култура, во рамките на Годишната програма за поддршка за културата во 2023 година е значајна во скапиот и сложен и долготраен процес на подготовка и печатење. За првпат се поддржани толку публикации, што е драстична промена од страна на Министерството за култура, кои ги препозна и поддржа настојувањата на „Алдебаран“ да им овозможи достапност до светските и македонските книжевни класици на учениците во основното и средното образование, но и на сите други кои го користат Брајовото писмо.
4 Јануари е Светски ден на Брајовото писмо, востановен од Обединетите нации во чест на неговиот создавач Луј Брај.

Од „Алдебаран“ се заблагодаруваат и на Општина Кисела Вода и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кои втора година по ред го одбележуваат Светскиот ден на Брајовото писмо и подаруваат книги на училиштето „Димитар Влахов“.

– Веруваме дека нашиот скромен придонес и ентузијазам ќе ги придонесе кон идни проекти и на други издавачи, но и поактивна вклученост на сите други институции и компании за потребата од користењето на Брајовото писмо во пресрет на 200-годишнината од неговото создавање и употреба – велат од „Алдебаран“.

Сподели