Извадок од расказот „Статистите на Трнорушка“ од Виолета Танчева-Златева

…Се затвораат вратите и прозорците, и најмалата процепка низ која ѕирка надворешното. За да се биде среде просторот ограден, заштитен од сите закани. Со радоста на љубовта или на првата рожба. Со загубата и тагата. Со болеста што нагризува. Со осаменоста или со претрупаноста во која не може да се најде катче за себе. Со телевизорот кој – фала богу! – не ти остава време да останеш сам со себе. Со книгите што ја подотвораат вратата до дипломата, тоа обично парче хартија што му е толку неопходно на општеството. Со гровнатиот мебел и со старите мисли што ја разјадуваат душата. Или во модерно уредениот а празен стан. Со телефонот на кој се чека големата порака. Со новата играчка – интернетот. Со големите планови. Со љубовникот заради изброени мигови милина и надеж. Со стечаецот кому му угаснало и последното пламенче во очите. Со споменот за годините што одлетале во неврат…

Дома. Во својот мал свет, во својата затворена државичка. Стаписана го гледам јурежот на автомобилите, поттрчнувањето на пешаците по зебрите, бесното вртење на полицаецот со рацете. Небаре се живее уште денес. Чиниш светот утре ќе запре. Никој нема да има право да се движи, горивото ќе го снема, семафорите ќе угаснат, зебрите ќе се избришат, институциите ќе ги затворат своите врати и шалтери, бурекчилниците ќе можат да ги исчистат празните витрини, уличните колпортери конечно ќе здивнат од подавањето весници низ автомобилските прозорци, фризерите од своите ножици, месарите од своите сатари, швалерите од плановите за малку забранета љубов, коцкарите од својот порок, келнерите од есапите како да наплатат денар повеќе…

Само уште денес се оди, се брза, се трча, се јури, се прегазува, се свири, се престигнува, се пцуе, се смее и радува, се јаде и пие, се блуе, се тагува, се боледува, се спие и сонува, се вика, се тепа, се мрази и ништи, се милува и се води љубов, се зачнуваат деца што ќе го продолжат човечкото безумие. Само уште денес, народе! Утре светот замира. Утре се преселуваме во приказните, во светот на Трнорушка. Ќе бидеме нејзините заспани дворјани, статисти кои ќе глумат стогодишно спиење. Само во некој миг, малечок колку одвај видливото протреперување на далечните ѕвезди, можеби некому од нас, во сонот, ќе му текне да се праша: А што ако не дојде принцот?

Расказот „Статистите на Трнорушка“ е објавен во збирката „Раскази од минатиот век“.

Сподели