Ви претставуваме дел од тоа што го сработивме годинава, а во наредните две недели ќе ги реобјавиме најинтересните приказни што годинава го привлекоа вашето внимание
Приказната за Сара Голакова, матурантката што доби стипендија на факултетот „Васар“, каде учеле Мерил Стрип, Џејн Фонда, „Етно Зборле“, верзија на популарната игра со која Институтот за етнологија и антропологија го одбележа 17 Февруари, Меѓународниот ден на антропологијата, ставот на проф. д-р Никола Стиков под наслов „Овој Зоки Поки не е за второ одделение!“ се меѓу најчитаните десет текста објавени на Умно.мк. во 2022 година. Ви претставуваме дел од тоа што го сработивме годинава. Во наредните две недели ќе ги реобјавиме најинтересните наслови што годинава го привлекоа вашето внимание. Продолжуваме во 2023 година.

Убедливо најчитана вест е „Осум докторки на науки промовирани на УКИМ“. Иако ова е вообичаена пракса на најстариот универзитет во Македонија, овојпат беа промовирани само жени, сите од областа на медицината и здравството. Во читаноста многу ни помогна нашиот пријател и поддржувач, актерот Сашко Коцев кој ја сподели веста со статус: „Горд сопруг“.

„Може да се каже дека освоив премија кога дознав дека ме примија на факултетот со стипендија бидејќи многу малку странски студенти успеваат да се запишат во првиот уписен рок“, вели Сара Голакова, матурантката од Mеѓународното училиште „Нова“ која си го исполни најголемиот сон – да студира на факултетот „Васар“ во Њујорк. Таа е примена со стипендија уште во првиот уписен рок на факултетот каде студирале Жаклин Џеки Кенеди, Мерил Стрип, Џејн Фонда и многу други познати личности.

Со верзија на мегапопуларната игра Зборле, Институтот за етнологија и антропологија го одбележа 17 Февруари, Меѓународниот ден на антропологијата. Етно Зборле траеше седум дена, на https://oku.mk/. Правилата се исти како на Зборле, но ќе треба да погаѓате термини поврзани со етнологијата.

„Овој Зоки Поки не е за второ одделение!“, пишува проф. д-р Никола Стиков во својот став. Тој вели:
– Ако познавате некој тинејџер што не чита книги, немојте да го навредувате со изреката дека во животот ја прочитал само „Зоки Поки“. Веројатно и таа ја нема прочитано. Целиот тексто прочитајте го тука.

Меѓу најчитаните се најде текстот за приемните испити во скопската гимназија „Орце Николов“ и катастрофалните резултати на тестовите по математика и мајчин јазик кои повторно го отворија прашањето за петкашите што завршуваат основно.
„Ми го зедоа сонот, мирот. Притисоци врз мене, врз семејството, двојката да ја поправам во петка. Од колеги, од соседи, од пријатели на пријатели… Ако останев, ќе се разболев“, вели наставничка по математика која пред многу години направила трансфер од основно училиште во урбана населба во Скопје, во школо во рурална средина. Секој ден патува по 13 километри во еден правец, ама е многу посреќна. „Раатот нема цена“, вели таа.

Наум Димитриески дипломира на ФЕИТ со 10.00 и доби „Инженерски прстен“. Во родната Струга завршил средно гимназиско образование во ,,Д-р Ибрахим Темо“. Решил да продолжи на ФЕИТ за да си го прошири знаењето во областите на математиката и физиката, со фокус на електромагнетизмот. Денес е на постдипломски студии во Ахен, Германија. Наум Димитриески од Струга е еден од добитниците на „Инженерски прстен“ што го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на Претседателот на државата. Со Димитриевски разговаравме за неговото искуство и студирањето на ФЕИТ и за неговите идни планови.

„Без поддршката на колегите и нивното разбирање немаше да може по цели денови да сме легнати на земјата на сред пат или качени на клупи и скали за да цртаме“, вели наставничката по ликовно образование, Анамарија Митриќеска-Кал’чев во текстот „Училиштето во Негорци стана шарено креативно место“. Желни да си го направат своето училиште поубаво, пошарено, поинспиративно, учениците од осмо и деветто одделение во основното училишта „Ристо Шуклев“ во гевгелиското село Негорци создадоа свое убаво катче. Идејата на наставничката Митриќеска-Кал’чева предизвикала убаво внимание кај учениците, но и сите во училиштето. Така настана проектот „Едукативна декорација на училишниот простор“.

На „Св. Апостол Павле“ во Охрид од пет факултети, дури три ги водат деканки. Ова е текстот објавен по повод 11 Февруари, Интернационален ден на жените и девојчињата во науката. Колку да изгледа неверојатно, но Македонија е една од земјите лидери по застапеноста на жените во науката. Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид е еден од позитивните примери каде застапеноста на мажите и жените е речиси идентична по прашањето на родовата рамноправност. Поразговаравме со неколку професорки, асистентки кои ни го споделија нивното искуство.

„Важно е како, а не колку ќе живеам“: Ивана, девојката со цистична фиброза што ги искачи Алпите. Илина Јакимовска на Ивана ѝ ја посвети првата епизода од третата сезона на подкастот „Обични луѓе“.
„Ивана ја запознав кога беше моја студентка на Институтот за етнологија и антропологија. Не знаев ништо за неа, исто како и за другите студенти од нејзината генерација, тазе излезени од средношколските клупи. Беше редовна и внимателна, но постојано кашлаше. Во еден момент, поради постојаните прекини, ја прекорив:
– Ивана, ако не си океј, па немој да доаѓаш додека не оздравиш…
Ме погледна без лутина и најсмирено рече:
– Професорке не се секирајте, мојата болест е поинаква…

Од септември шахот изборен предмет за учениците од 1. и 2. одделение. Оваа вест со радост ја дочекаа многумина во Македонија. Од сепрември шахот требаше да биде на листата на изборни предмети во основните училишта во Македонија за децата од прво и второ одделение. Шаховската федерација на Македонија соопшти дека Бирото за развој на образованието ја одбрило нивната програма за шах во школи и од септември ќе биде на листата на изборни предмети.





